Бугарските власти ја повикаа на разговор македонската амбасадорка во Софија по инцидентот во Скопје
Вршителката на должноста амбасадор на Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска, денеска била повикана во бугарското Министерство за надворешни работи во врска со вчерашното палење на автомобили пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, пренесе „Бгнес“.
Препорачано
Заменик-министерот за надворешни работи Христо Полендаков пред в.д. амбасадорката рекол дека Бугарија најостро го осудува овој, како што го нарекол, „демонстративен чин на агресија без преседан во билатералните односи“, кој според него „ги довел во опасност здравјето и животот на вработените во бугарската амбасада, како и на жителите на главниот град на Македонија кои се наоѓале во близина за време на нападот“.
„Бугарија ги зема предвид изјавите на официјалните институции во соседната држава и брзата реакција на надлежните органи, која доведе до приведување на сторителот. Истовремено, очекуваме да се спроведе ефикасна истрага и правна разрешница на случајот, со што јасно ќе се покаже дека ваквите дела се недозволиви“, рекол тој.
Полендаков додаде дека почитувањето на принципите на владеење на правото и преземањето ефикасни мерки за спречување и сузбивање на злосторствата од омраза се клучни доколку една држава сака да ја заштити својата европска иднина.
„Секој обид за ширење страв меѓу Бугарите во Македонија е неприфатлив и бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми за да им се спротивстави на таквите појави“, заклучи тој.
Да потсетиме, инцидентот се случи во понеделник, а приведен е 44-годишен маж. Според информациите, тој полил службено возило со запалива течност и го запалил. Огнот брзо го зафатил автомобилот, а потоа се проширил и на второ возило паркирано во непосредна близина.


