Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук

Концептот „победник со победник“ води кон долгорочна доминација на исти партии, вели Сиљановска

„Мораме да научиме дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори победникот е еден, но со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин“, оцени денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Во одговор на новинарско прашање во врска со изјавата на лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, дека на изборите треба да коалицираат „победник со победник“, Сиљановска-Давкова рече дека таквиот пристап не е во согласност со основните принципи на изборниот процес.

Таа посочи дека во македонската политичка практика и партии со убедливо парламентарно мнозинство често се определувале за коалициско владеење, што, според неа, претставува одговорен политички пристап и овозможува пошироко учество во носењето одлуки.

– Еднаш мораме да научиме ние дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори, победникот е еден. Зошто инаку би одел некој на избори, ако добиените гласови не се услов да биде прогласен за победник? Но, со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство, посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин. Зошто? И заради заедничката одговорност, мислам особено на албанските партии, заедничката одговорност и за решавање на проблемите внатре во институциите – рече Сиљановска-Давкова.

Во изборниот процес, вели претседателката, може да биде победник само еден, нагласувајќи дека тезата за коалицирање по принципот „победник со победник“ може да доведе до долгорочна доминација на исти политички субјекти и ограничување на можноста за учество на други партии во власта.

– Резултатот не може да биде посакуваниот, ако вие немате право да одберете во коалицијата некои со чија програма, па и идеологија, вашата е компатибилна. Друго би било ако влезете во предизборна коалиција, оти тоа, вака викаме ние во изборното право – може да сте мала партија, но со голем изборен капацитет, кога ве посакуваат за коалициски партнер другите партии, односно победничката. Ама оваа теза, дека има двајца победници и дека секогаш треба да влезат, доведува до 20 години власт само на едни и на други, на неможност другите да влезат во коалицијата и, се разбира, да бидат почитувани – нагласи Сиљановска-Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот