Граничен премин Ќафасан / Фото: МИА / архива

Владата изгласа: на „Ќафасан“ ќе има заеднички гранични проверки

Владата денеска го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки со Република Албанија. Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе функционира со Србија и Косово. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.

Портпаролката на Владата, Венера Азизи, изјави дека воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини.

Потребата од вакво решение најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Албанија.

Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4.581.724 патници, од кои дури 2.318.080 на граничниот премин Ќафасан.

Овие бројки, според Азизи, ја истакнуваат важноста од воведување на системот „Уан стоп шоп“, кој ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници и ќе придонесе за намалување на времето на чекање на границите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот