Водите околу Кипар се најчисти за капење во ЕУ
Грција во 2025 година имала едни од најчистите води за капење во Европската Унија, покажува најновиот извештај на European Environment Agency, пренесува Катимерини. Според податоците, 85 отсто од повеќе од 22.000 локации што биле мониторирани низ ЕУ се класифицирани со одличен квалитет.
Препорачано
Извештајот наведува дека дури 97,1 отсто од водите за капење во Грција биле оценети со одличен квалитет, 2,4 проценти како добри, а 0,1 процент како задоволителни.
Европската агенција ја следи присутноста на отпадни води во местата за капење, но не и други загадувачи како што се хемикалии, хранливи материи, фармацевтски производи, пестициди или микропластика. Податоците ги доставуваат земјите-членки.
На ниво на 27-те членки на ЕУ, како и Албанија и Швајцарија, 85 проценти од локациите биле оценети како одлични, а 96 проценти ги исполнувале најмалку минималните стандарди. Сепак, 1,5 проценти од местата останале со слаб квалитет, што укажува дека мерките за управување не биле доволни или не биле ефикасно спроведени.
Најдобар резултат забележал Кипар, каде 100 проценти од водите за капење биле оценети како одлични. Следуваат Бугарија со 96,9 проценти и Австрија со 96,5 проценти.
На спротивниот крај од листата се најдоа Унгарија со 64 проценти, Полска со 58,7 проценти, Естонија со 56,9 проценти и Албанија со само 16,8 проценти води оценети како одлични.
Според извештајот, квалитетот на водите за капење во Европа значително се подобрил во последните децении, главно поради намаленото испуштање на непречистени или делумно пречистени урбани отпадни води.
Воедно се наведува дека крајбрежните води генерално се поквалитетни од реките и езерата. Во 2025 година, 88 проценти од крајбрежните локации биле оценети како одлични, во споредба со 78 проценти од внатрешните води.
Речните капалишта и понатаму претставуваат предизвик, при што само 47 проценти од околу 1.200 означени локации низ Европа постигнале оценка „одличен квалитет“.


