Хрвати „опремени“ со палки планирале напад врз двајца сезонски работници од Србија — уапсени се 14 луѓе
Група од 14 Хрвати во четвртокот била уапсена бидејќи планирале напад врз двајца сезонски работници од Србија на островот Хвар, пренесува „Индекс.хр“.
Препорачано
Хварските полицајци забележале две возила во близина на хотел во кои се наоѓале 14 припадници на навивачката група Торцида од Сплит, по што ги запреле, ги идентификувале и извршиле преглед на возилата.
Внатре, полицајците пронашле палки и фантомки, кои биле одземени, а навивачите биле приведени.
Со криминалистичката истрага е утврдено основано сомнение дека дел од групата претходно организирано допловила со глисери од Трогир и Каштела до плажата Стинива на Хвар, каде што, според сомнежите на полицијата, ги чекале соучесници со возила за да ги превезат до хотелот во кој престојувале сезонските работници.
Хрватска упати протестна нота до Србија поради нападот врз нејзини граѓани во Панчево
Полицијата се сомнева дека планирале физички напад врз работниците, а медиумите објавија дека станува збор за сезонски работници од Србија. Против сите 14 лица е поднесена кривична пријава за договор за извршување кривично дело.
Според првичните сознанија, некој им дојавил на навивачите дека еден од Србите наводно имал тетоважа на раката на која пишувало „Србија“, што било повод за планирање на нападот. Информацијата сè уште не е официјално потврдена.
Четворица осомничени, еден на возраст од 33 години, двајца од 22 години и еден од 18 години, првично биле задржани во полициски притвор. Жупанискиот суд во Сплит подоцна соопшти дека наместо истражен притвор, им одредил мерки на претпазливост.
Глисерот, возилата и пронајдените предмети привремено се одземени до одлука на судот.


