Нападната е новинарска екипа на Нова ТВ во Хрватска, „Сејф џурналист“ бара итно да се откријат насилниците
Регионалната новинарска мрежа „SafeJournalists“ („Сејф џурналист“) изразува целосна поддршка за колегите од Нова ТВ, кои, како што велат, завчера биле жртви на брутален напад во општина Марина во Хрватска. Мрежата остро го осудува овој чин на насилство и повикува на итно откривање и гонење на сите инволвирани во овој вознемирувачки напад врз новинарите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што објаснуваат, инцидентот се случил по прилог емитуван во неделата вечерта во рамки на сегментот „Позив“, кој открил нелегални гробишта изградени на приватно земјиште, иако сопственикот тврдел дека не дал дозвола.
За време на снимањето на прилогот, бизнисменот Маријан Угрина им се обратил на новинарите со заканувачки тон, велејќи: „Исклучи ја камерата, ќе ти ја скршам камерата“, додека градоначалникот на општината Анте Мамут одбил да разговара со новинарите, давајќи нејасно образложение дека не се чувствува добро. Истиот ден, полицијата го привела Анте Мамут во врска со случај со нелегални гробишта.
„Ден по емитувањето на прилогот, Државниот инспекторат нареди затворање на нелегалните гробишта. Ситуацијата ескалирала во понеделник, на 4 мај, кога новинарката Теа Јоман Нитрај, заедно со снимателите Кристијан Јантон и Томислав Сладиќ, се обиделе да известуваат во живо од локацијата. Според информациите споделени од Нитрај, во еден момент се појавиле околу петнаесет лица кои тргнале кон неа, додека двајцата сниматели се обиделе да ја заштитат. Напаѓачите насилно им ги одзеле камерите и физички ги оттурнале новинарите и репортерката во возилото на екипата“, соопштуваат од платформата.
Според „SafeJournalists“, ваквите акти на насилство претставуваат сериозен напад врз слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.
„Ги повикуваме надлежните институции да обезбедат темелна истрага и да испратат јасна порака дека насилството врз новинарите нема да биде толерирано. ‘SafeJournalists’ ќе продолжи внимателно да го следи овој случај. Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права“, соопштуваат од мрежата во која има медиумски организации од Хрватска, Србија, Македонија, Косово, БиХ и Црна Гора.


