Светот одбројува до пресметката на двете фудбалски велесили: Меси и „гаучосите“ против „фуријата“ на Де ла Фуенте
Вечерва во 21 часот по централноевропско време, стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси ќе биде домаќин на најпрестижниот светски фудбалски настан. Финалето на најголемото светско првенство во историјата ќе биде дуел на два различни фудбалски идентитети, на две генерации на лидери на Барселона и на две нации кои зборуваат ист јазик, но се разделени со океан. „Кралицата на Европа“, Шпанија, ќе води битка со светскиот шампион Аргентина, во дуел кои многумина го најавуваат како врвен спектакл на модерниот фудбал.
Препорачано
Натпреварот требаше да се одигра многу порано
На 27 март годинава, Шпанија и Аргентина требаше да се сретнат на стадионот „Лусаил“ во Катар на таканаречената „Финалисима“, односно дуелот каде се среќаваат актуелниот шампион на Европа и актуелниот шампион на Јужна Америка. Меѓутоа, конфликтот на Блискиот Исток им ги смени плановите, а двата фудбалски сојузи не успеаја навреме да се договорат за алтернативна локација и датум. Сепак, можеби и подобро, наместо да се соочат на натпреварување со симболично значење, сега ќе се соочат на најголемата можна сцена, пред очите на целиот свет.
🚨 UEFA announce La Finalissima between Argentina and Spain has been cancelled.
Decision made following political situation in Middle East with match initially planned in Qatar, then no agreement on different venue between the Federations. pic.twitter.com/RyhWKGkKYS
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) March 15, 2026
Овој дуел ќе биде судир на два различни фудбалски стила. Двете репрезентации имаа сосема различни патишта до ова финале. „Гаучосите“ водеа рововски битки на сите четири елиминациски натпревари. Преку продолженија ги совладаа Зеленортските Острови и Швајцарија, додека по пресврт ги елиминираа Англичаните и Египјаните. Во процесот постигнаа 11 гола, а Лионел Меси ја покажа својата класа.
🚨 𝗖𝗥𝗔𝗭𝗬 𝗙𝗔𝗖𝗧: Argentina have overcome difficult moments in all four knockout matches on their way to the World Cup Final. pic.twitter.com/sw4Qui9Gk8
— The Touchline | 𝐓 (@TouchlineX) July 18, 2026
За разлика од Аргентинците, Шпанија до финалето чекореше посигурно, покажа доминација на сите елиминациски натпревари и прими само еден гол на целиот турнир. Во полуфиналето „фуријата“ изненадувачки лесно ја совлада моќната Франција. Репрезентацијата на Де ла Фуенте, ја наметна својата препознатлива игра, базирана на долг посед на топката и брзи комбинации, со што успеваше да ги неутрализира своите противници и да го контролира темпото на натпреварите.
Ученикот против учителот
На 11 јуни, 48 селектори ги поведоа своите репрезентации по мундијалската патека, со една цел – да станат светски шампиони. Еден по еден, некои порано, други подоцна, беа елиминирани. На крајот останаа ученикот против учителот, Лионел Скалони против Луис де ла Фуенте. Пред само девет години, токму Де ла Фуенте беше менторот на Скалони во подготвувањето на неговата тренерска лиценца.
Кога беа назначени за селектори и двајцата не беа имињата кои ги бараа навивачите на двете репрезентации. Многумина сметаа дека нивните селекции одбрале неамбициозни и евтини решенија наместо да се одлучат за некое звучно тренерско име.
Скалони на почетокот на мандатот на клупата на Аргентина беше мета на бројни критики, а меѓу неговите најостри критичари беше и Диего Марадона. Сепак, назначувањето на Скалони се покажа како одлично решение на федерацијата на Аргентина. Под неговата палка, „гаучосите“ го освоија Мундијалот во Катар, како и две титули на Копа Америка.
Скалони е селектор кој не се плаши да промени нешто кога не оди по планот. Во различни фази од натпреварувањето тој правеше храбри промени. Алварез, Паредес и Таљафико добија предност пред Лаутаро Мартинез, Медина и Алмада. Скалони често знае и да извади еден од играчите за врска, за да го внесе крилниот напаѓач Нико Гонзалес со цел репрезентацијата да добие поголема ширина и да се создаде простор за Меси. Се чини дека Аргентинците се подобри кога се во негатива, а меѓу сите играчи владее слога, доверба и блискост. Токму тоа, заедно со вродената аргентинска страст, одличната тактичка подготвеност и магијата на Лионел Меси, ги однесе до уште едно финале на Светското првенство и ги врати на врвот на фудбалската пирамида.
На другата страна ќе се најде Луис де ла Фуенте, човекот кој ја оживеа „фуријата“. Тој една деценија работеше со младите селекции на Шпанија, каде што можеше да ги следи играчите уште од нивните тинејџерски денови. Ги освои европските првенства до 19 и 21 година, каде што настапуваа дел од сегашните репрезентативци. Де ла Фуенте добро ги познава фудбалските способности на неговите избраници, а уште поважно, ги знае и нивните карактери.
Шпанија на хартија претставува фаворит, покрај најдобрата одбрана со еден примен гол, го имаат и најдобриот среден ред, составен од Фабијан Руиз, Родри и Дани Олмо. Триаголникот на „Фуријата“, лесно се справува со пресингот на противниците и лесно ја држи контролата во срцето на теренот. Шпанија најчесто напаѓа по крилата преку Јамал и Баена, кои добиваат помош од бековите Поро и Кукуреља, а напаѓачот Ојарзабал се спушта во средината за да овозможи дополнително решение. Кога им треба гол, златна замена е Микел Мерино, можеби и најдобриот играч кога се работи за уфрлање од втор план.
Најголемата закана за Шпанија секако ќе биде Лионел Меси, а човекот што ќе ја има задачата да го запре ќе биде Родри. Освојувачот на Златната топка од 2024 година ги скина лигаментите во септември 2024 и осум месеци беше надвор од терените, но на Светското првенство повторно заигра во полн сјај. Во полуфиналето Родри практично го неутрализираше Мајкл Олисе, а сега го чека најтешката задача во неговата кариера.
The pass master. 🎓
Rodri has completed more passes at the 2026 World Cup than any other player has a single tournament on record.
◎ 705 attempted
◉ 655 completed
◎ 92.91% pass accuracyThe Spaniard has also completed more final third passes than any other player at the… pic.twitter.com/criWCLSSK3
— Squawka (@Squawka) July 15, 2026
Последната успешна одбрана на светската титула: Бразил 1962
Аргентина, која е актуелен светски шампион, успеа да се пласира во второ последователно финале на Светското првенство. Истото го направи и Франција пред четири години во Катар, но тогаш во финалето беше поразена токму од Аргентинците.
Последната репрезентација што успешно ја одбрани светската титула беше Бразил во 1962 година. Откако за првпат стана светски шампион во 1958 година, предводен од тогаш 17-годишниот Пеле, Бразил четири години подоцна повторно го освои трофејот. Покрај Бразил, само уште една репрезентација успеала да освои две последователни светски титули – Италија – на Светските првенства во 1934 и 1938 година.
Доколку Аргентина ја совлада Шпанија во финалето, ќе стане само третата селекција во историјата што успеала да ја одбрани титулата светски шампион.
Настанот добива дополнителна тежина и надвор од теренот. Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на финалето и ќе биде дел од доделувањето на трофејот заедно со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Трибините на „МетЛајф“ ќе бидат исполнети до последното место, а побројни ќе бидат аргентинските навивачи.
Повеќе од 100 натпревари, 48 репрезентации, безброј приказни, сето тоа се сведува на 90 минути и еден единствен победник. Дали ќе триумфира искуството на Меси или свежината на Ламин Јамал, останува да видиме вечерва на теренот на „МетЛајф“.
ВИДЕО | Бронзата за Англичаните, хет-трик на Букајо Сака против Франција


