Јордан му врачи протестна нота на амбасадорот на Иран поради новите напади
Јордан денес го повика на разговор вршителот на должноста амбасадор на Иран во Аман и му врачи „остро формулирана“ протестна нота поради, како што наведе, продолжените ирански напади врз кралството, соопшти јорданското Министерство за надворешни работи, пренесува Анадолу.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во соопштението Министерството протестира и поради, како што ги оцени, „провокативните и запаливи изјави“ за Јордан што ги дале ирански официјални институции.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, амбасадорот Фуад Маџали, изјави дека на иранскиот дипломат му било наложено да пренесе порака до Техеран веднаш да ги запре нападите врз кралството.
„Безбедноста на Јордан и сигурноста на неговите граѓани се црвена линија што не смее да биде премината“, рече Маџали, повикувајќи да престанат, како што ги нарече, „неприфатливите запаливи изјави“.
Министерството оцени дека нападите претставуваат „флагрантно нарушување на суверенитетот на кралството“ и „очигледно кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“.
Јордан исто така ги осуди иранските напади насочени кон земјите-членки на Советот за соработка на земјите од Заливот и изрази солидарност со нив.
Маџали изјави дека Јордан ги поддржува мерките што ги преземаат земјите од Заливот за заштита на нивниот суверенитет, безбедност и сигурноста на нивните граѓани и жители.
Тој повтори дека Јордан ќе продолжи да ги презема „сите расположливи и неопходни мерки“ за заштита на своите граѓани, безбедноста и суверенитетот.


