Фото: Слободен печат/Архива

„Талир 1“ и „Титаник“, последни битки за предметите на СЈО – партијата и поранешни вмровски функционери сè уште на обвинителна клупа

Во Кривичниот суд остануваат уште два предмета што директно ја допираат владејачката партија – „Титаник“, за изборни измами, и „Талир 1“, за незаконско финансирање на партијата. Таму сè уште се суди еден дел од првиот предмет што го отвори СЈО, наречен „Титаник“, а кој се однесува на изборните измами, но и другиот дел од „Талир“, „Талир 1“ за незаконското финансирање на партијата.

Ослободителната пресуда за Никола Груевски во „Талир 2“ и ослободувањето на новинарот Драган Павловиќ – Латас во „Тотал“ изгледаа како симболичен крај на една ера – ерата на предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.

Со нив паднаа и последните големи очекувања за конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и за кривична одговорност на дел од поранешното партиско раководство. Но, приказната сè уште не е целосно затворена. Во Кривичниот суд остануваат уште два предмета што директно ја допираат владејачката партија – „Титаник“, за изборни измами, и „Талир 1“, за незаконско финансирање на партијата.

Таму уште се суди еден дел од првиот предмет што го отвори СЈО, наречен „Титаник“, а кој се однесува на изборните измами, но и другиот дел од „Талир“, „Талир 1“ за незаконското финансирање на партијата.

Следното рочиште за ова дело е закажано за во септември и иако поради срамните измени на Кривичниот законик и во овој случај застари кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, обвинителката Ленче Ристоска, која го водеше овој случај, беше децидна дека може да ја гони политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за перење пари.

„Перење пари“ застарува во 2035 година

– Во конкретниот случај настапена е застареност на предикатното кривично дело, односно на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поради истек на законските рокови за застареност и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Меѓутоа и покрај застарениот предикат, во согласност со законот и постојната судска практика, не постојат пречки да се гони перењето пари во овој случај, за кое застареноста настапува во 2035 година. Сите обвинети за злоупотреба се обвинети и за перење пари, само за двајца обвинети застарено е кривичното дело предикатно, додека за сите други продолжува, вклучително и за овие двајца продолжува судењето за перење пари. Станува збор за Никола Груевски и Кирил Божиновски – објаснуваше Ристоска на едно од рочиштата пред да даде оставка.

Таа не се откажа од кривично гонење на партијата со образложение дека за дејствијата од 2010 до 2015 година, односно за перењето пари, апсолутна застареност настапува за 20 години. Овој предмет сега го презеде обвинителката Енѓелуше Кадриу – Леши.

Падна едно дело за „Талир 1“, но Ристоска е децидна дека може да ја гони ВМРО-ДПМНЕ за перење пари до 2035 година

И во двата предмети на обвинителна клупа во Кривичниот суд има и поранешни вмровски функционери, па така освен на партијата во „Талир 1“ освен на Груевски, Божиновски и партијата им се суди и на Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристоски. Дел од истите имиња се појавуваат и во предметот „Титаник“, па па така за изборни измами сè уште им се суди на поранешниот премиер Никола Груевски, на поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, на Кирил Божиновски, Илија Димовски и Едмонд Темелко.

Овој предмет го суди судијката Васка Николовска-Масевска од 2024 година. Иако од јануари оваа година, со годишниот распоред на новата претседателка Даниела Димовска таа била преместена од Одделението за организиран криминал, во Одделот за кривично полнолетни, сепак останала да го суди овој предмет, кој го поделила на три дела. За првите два дела поранешни државни службеници биле осудени на условни казни кои повисокиот суд ги потврдил, а сега веќе се испитуваат сведоци на одбраната откако поминале над 100 сведоци на обвинителството.

По ослободителната пресуда на Судот за Груевски и одбивањето на барањето за конфискација на партискиот имот, Судот преку долго соопштение за јавноста објаснуваше дека ослободителната пресуда била како последица на измените на Кривичниот законик, но и дека Обвинителството не успеало да го докаже обвинението надвор од разумно сомневање.

Еден ден по ова соопштение, Кривичниот суд објави друго соопштение со кое соопштува дека новинарот Латас е ослободен во случајот „Тотал“ и со големи букви напиша дека обвинителот се откажал од обвинителниот акт во целост, без да каже дека предметот застарел откако судот наредил да се нарача супервештачење за предметот, нешто што го кажа Обвинителството.

– Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова-Велков во своето обраќање истакна дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.3.2024 година – објаснија од Обвинителството.

Со овие предмети двајцата поранешни колеги судии, старо-новата претседателка на Кривичниот суд Даниела Димовска и републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, се доведоа во ситуација да се објаснуваат јавно преку соопштенија кој е виновен за ослободителните пресуди. Димовска ја зацврсти својата позиција на 4 јули откако едногласно беше избрана за претседател на Кривичниот суд. Токму Савески жестоко реагираше за изборот на Димовска за в.д. претседателка на Судот, бидејќи беше избрана таа, иако била единаесетторангирана, а не најдобро оценетиот судија.

Судот конечно му ја исполни „желбата“ на премиерот — Мицкоски задоволен за „Палатата“, воздржан за Груевски

Многу обвинети, малку осудени

Сепак, клучните предмети на СЈО застареа, најмногу со срамните измени на Кривичниот законик, па пропадна предметот „Таргет-Тврдина“, за масовното прислушување, а имотот на партијата е сè поблиску да се врати во рацете на владејачката партија.

Специјалното јавно обвинителство беше формирано во 2015 година, по објавувањето на прислушуваните разговори познати како „бомби“, кои отворија сомнежи за незаконско следење на комуникациите, злоупотреба на власта, изборни нерегуларности и корупција во највисоките политички кругови. СЈО за четири години отвори вкупно 18 истраги и поднесе обвиненија за повеќе од 20 предмети против поранешни функционери, бизнисмени и правни лица.

Меѓу најзначајните предмети беа „Таргет-Тврдина“ за масовното незаконско прислушување, „Титаник“ за изборни измами, „Талир“ за незаконско финансирање на политичка партија и „Талир 2“ за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“. СЈО ги отвори и предметите „Тотал“ против новинарот Драган Павловиќ – Латас, „Труст“ за незаконски тендери, „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ за набавки во Управата за безбедност и контраразузнавање, како и други случаи поврзани со високи државни функционери.

По згаснувањето на СЈО во 2020 година, предметите беа преземени од Јавното обвинителство и продолжија во скопскиот Кривичен суд. Сепак, голем дел од нив беа погодени од измените на Кривичниот законик во 2023 година, со кои беа намалени казните за дел од кривичните дела, што доведе до застарување на повеќе обвиненија, меѓу кои и дел од најголемите случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот