Падна едно дело за „Талир 1“, но Ристоска е децидна дека може да ја гони ВМРО-ДПМНЕ за перење пари до 2035 година

Застаре едно од кривичните дела во „долгометражниот“ случај „Талир 1“ во кој е обвинета владејачката ВМРО-ДПМНЕ и поранешни функционери на партијата, но обвинителката Ленче Рисотска која го води случајот, а веќе го пријави премиерот Христијан Мицкоски дека и врши притисок со навреди зашто го држи замрзнат имотот на партијата, е децидна дека за другото кривично дело „перење пари“ застарува во 2035 година.

Денешното рочиште се одложи бидејќи обвинителката достави коригирано обвинение со оглед на тоа што последно и за обвинетите Кирил Божиновски и Никола Груевски застаре кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ што е предикатоно односно произлегува од основното кривично дело „перење пари“ за кое се гонат сите обвинети.

Ленче Ристоска – Фото: Слободен печат

-Во конкретниот случај настапена е застареност на предикатното кривично дело, односно на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, поради истек на законските рокови за застареност и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година. Меѓутоа и покрај застарениот предикат, согласно Закон и постоечката судска пракса, не постојат пречки да се гони перењето пари во овој случај, за кое застареноста настапува во 2035 година. Сите обвинети за злоупотреба се обвинети и за перење пари, само за двајца обвинети застарено е кривичното дело предикатно, додека за сите останати продолжува, вклучително и овие двајца продолжува судењето за перење пари. Станува збор за Никола Груевски и Кирил Божиновски – објаснува Ристоска.

Со денешното одложување на рочиштето на кое не беше присутен ниту адвокатот на политичката партија Дончо Наков, судењето ќе почне дури по шести пат од почеток бидејќи истекле 90 дена од последното одржано рочиште. Според Ристоска, единствената стратегија на обвинетите е да избегнат одговорност со одолговлекување и застарување на делото.

Талир 1

-Со денешното одлагање, значи дека судењето нареден пат треба да почне од почеток, по шести пат и би рекла дека во овој случај доказната стратегија на обвинетите, меѓу другото е фокусирана на одложување на оваа постапка, бидејќи само преку застареност можат да избегаат од одговорност, бидејќи се работи за предмет за кои самите се свесни дека Обвинителството поседува цврсти докази – вели Ристоска.

Ристоска поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ

 

Додека течат судењата за „Талир 1“ и „Талир 2“, предмети во кои е замрзната Белата палата и цел имот на владејачката партија, „течат“ и јавните навреди од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за Ристоска, но последно и од премиерот кој ја нарече „медиокритет“ со „политичко-корупциска матрица“. Ристоска против ВМРО-ДПМНЕ која ја обвинуваше за земање бонуси и ја нарекуваше „пропадната ѕвезда на СЈО“ поднесе тужба за клевета, а премиерот го пријави во Советот на јавни обвинители.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

-Јас ги преземам сите институционални механизми што ми се на располагање, бидејќи недозволено е кое било обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, најмалку од позиција на моќ. Да поднесов тужба за политичката партија, за премиерот поднесов известување до Советот на јавни обвинители – додаде Ристоска.

Советот веќе формираше Комисија која ќе го испитува известувањето на Ристоска за премиерот, иако тој рече дека не ја споменал со име и презиме и му било чудно како се препознала.

Причината зад сите овие напад ги толкува како притисок врз неа откако не даде одобрение да се одмрзне имотот на партијата во судските случаи под кодно име „Талир“ кои уште судат пред Кривичниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот