Епидемијата стивнува, но водата во Гостивар останува загадена
Бројот на заразени во Гостивар се намалува, но водата од градскиот водовод сè уште не може да се користи, изјави министерот за здравство Сашо Клековски, кој ја посети Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок, по најавите во медиумите дека водата за пиење во болницата не е исправна.
Препорачано
– Денеска имаме состојба од 80 новопријавени пациенти, што е двојно намалување од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Вкупната бројка на заболени е околу 4.000. Досега има 750 пријави за заразни болести, а анкетирани се 490, така што можам да кажам дека епидемијата влегува во смирувачка фаза и започнува фазата на целосна епидемиолошка анализа за утврдување на хронологијата на настаните. Во моментот треба да почне да се прави разграничување меѓу заболувањата од епидемијата и оние од редовни гастроентерити – изјави Клековски.
По епидемијата во Гостивар — бактерии, арсен и сомнежи за водата и во други градови
Според последните анализи, водата од градскиот водовод сè уште не може да се користи ниту за техничка употреба.
-Управувачкиот комитет работи на прашањето, а вчерашните резултати сè уште беа недоволни во однос на резидуалниот хлор. За водата да биде безбедна, се следи нивото на хлор, кое сè уште не го достигнало посакуваното ниво. Во моментов се вршат редовни анализи на водата на повеќе мерни места, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво, ќе биде дадена дозвола за употреба како техничка вода -појасни Клековски.
За водата во Лешок, Клековски вели дека состојбата е таква и во изминатите години, а Специјалната болница во Лешок со години користи диспанзери за вода за пиење, односно не ја користи водата од селскиот водовод.
Во Гостивар сега има опасност од жолтица, предупредува Комисијата за заразни болести
-Состојбата во Лешок е неисправна и тоа не е тајна, затоа што е таква најмалку една деценија наназад, што може да се види од редовните наоди кои пристигнувале во Министерството. Населението тоа го знае и се придржува кон упатствата што ги добива. Со иницијатива на месната заедница е направен зафат за решавање на проблемот. Водоводот во Лешок во основа го управува месната заедница, како што е случај и со многу рурални водоводи. Се очекува во текот на неделата да се направат две проби за да се утврди дека водата од водоводот повеќе нема да биде само техничка, туку ќе може да се користи и за пиење, не само за болницата, туку и за целото населено место – дададе тој.
Клековски посебно потенцира дека следењето на квалитетот на водата за пиење е во надлежност на јавните комунални претпријатија во општините и дека тие се одговорни за нејзиниот квалитет.


