Природниот базен Ѓиола, Грција - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | На Тасос се крие природен базен кој изгледа нереално — еве како да стигнете до „Солзата на Венера“

Грчкиот остров Тасос, најсеверниот остров во Егејското Море, е познат по кристално чистата вода, густите борови шуми и живописните плажи. Но, меѓу неговите највпечатливи природни богатства се издвојува место кое изгледа како сцена од филм – природниот базен Ѓиола, познат и како „Солзата на Венера“.

Овој необичен природен феномен се наоѓа во близина на местото Астрис, недалеку од Лименарија. Базенот е создаден во карпите покрај брегот, долг е околу дваесетина метри, а со морето е поврзан преку тесен природен отвор, пишува „Пункуфер“.

Благодарение на необичниот облик и тиркизната боја на водата, Ѓиола се смета за едно од најубавите и најфотографирани места на Тасос.

Според локалните легенди, природниот базен го создал богот Зевс за во него да се капе Венера, божицата на љубовта и убавината. Старите приказни раскажуваат и дека Тасос некогаш бил остров на сирени кои со своите гласови ги привлекувале морнарите.

Капење без песок, но со поглед што се памети

Посетителите на Ѓиола нема да најдат класична плажа со песок. Наместо тоа, околу базенот има мазни карпи од кои се ужива во погледот кон бескрајното море.

Бидејќи нема многу природна сенка, се препорачува посета во раните утрински часови или доцна попладне, кога температурите се попријатни.

Оние кои сакаат да ги избегнат најголемите гужви најдобро е да пристигнат околу осум часот наутро, бидејќи веќе еден час подоцна местото станува една од најпосетените атракции на островот.

Љубителите на адреналин често скокаат во природниот базен од карпите високи и до осум метри, но ваквата активност бара голема претпазливост поради природните услови на местото.

Како да стигнете до Ѓиола?

До природниот базен најлесно се стигнува со автомобил. Потребно е да се пристигне до Астрис, да се остави возилото, а потоа пеш да се продолжи до брегот.

За оние кои сакаат поинакво искуство, од Потос и Лименарија се организираат и излети со брод, кои вклучуваат запирање кај овој природен базен.

Во непосредна близина има и мала таверна каде посетителите можат да се одморат и да ручаат. На менито најчесто има салати, риба на скара и други едноставни јадења.

Иако пристапот до Ѓиола бара малку повеќе труд од посетата на обична плажа, токму природната убавина и необичниот изглед го прават едно од местата што оставаат најсилен впечаток кај туристите на Тасос.

ФОТО | Скриениот бисер на Грција, кој го викаат „Санторини за сиромашни“: Рајски остров каде сѐ е во хармонија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот