ФОТО | Туристите се паркираат в шума поради поскапениот паркинг на плажите во Охрид кој е празен
Сè повеќе посетители избегнуваат да го користат определениот паркинг. Наместо таму, автомобилите ги оставаат покрај околната шума и на неуредени површини, само за да го избегнат плаќањето.
Поскапениот паркинг на една од најпосетените охридски плажи „Горица 3“, ова лето предизвикува многубројни реакции кај посетителите. Наместо минатогодишната дневна тарифа од 200 денари, сега се наплаќа по 50 денари за секој час.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

За оние што доаѓаат само на кратко капење, ваквиот начин на наплата е поповолен. Но, за семејствата и туристите што на плажа остануваат по повеќе часови, трошокот за паркинг значително се зголемува.
Поради тоа, сè повеќе посетители избегнуваат да го користат официјалниот паркинг. Наместо таму, автомобилите ги оставаат покрај околната шума и на неуредени површини, само за да го избегнат плаќањето. Додека паркингот често е речиси празен, шумските приоди и околните места се преполни со паркирани возила.
Дел од посетителите велат дека ваквата практика создава хаос, ја нарушува животната средина и го зголемува ризикот од оштетување на природата, особено во летниот период кога опасноста од пожари е голема. Сепак, повеќето од нив избираат да заштедат на паркинг, на кој од годинава е поставена рампа за разлика од претходните години.
„Горица 3“ е плажа што комбинира комерцијален, помал дел со лежалки и чадори, но и голем слободен простор каде капачите можат да постават сопствени реквизити. Токму затоа, и поради природните сенки е една од најпосетените плажи во Охрид, а многумина сметаат дека цената на паркингот треба да биде приспособена на посетителите што остануваат цел ден.
Инаку, дел од охридските плажи почнаа да го применуваат таканаречениот „грчки систем“ нудејќи бесплатни лежалки со нарачан пијалак.

Со почетокот на туристичката сезона, цените на плажите во Охрид повторно станаа главна тема меѓу домашните туристи. Годинава Охрид нуди шаренолики ценовни политики, од „грчки модел“ со бесплатни лежалки при консумација, па сè до класично изнајмување.
Бесплатни лежалки со нарачан пијалак има дел од плажите на „Градиште“ и на „Лагадин“.
Најскапи се лежалките на градските плажи околу „Канео“, каде што една се изнајмува за 600 денари, а инаку на сите други плажи, просечно лежалките се 200 денари или 300 со вклучен пијалак.


