ФОТО | Позитива на денот — уметник им црта привремени тетоважи на деца во болници за да им ја врати самодовербата
Многу деца сонуваат еден ден да направат вистинска тетоважа, но новозеландскиот уметник Бенџамин Лојд решил да им го оствари тој сон многу порано – на безбеден и посебен начин. Тој создава реалистични привремени тетоважи со нетоксична боја што лесно се измива со вода, а неговите мали „уметнички дела“ им носат насмевки на децата кои се лекуваат во болница, објави „Модерн мет“.
Препорачано
Лојд со години им цртал привремени тетоважи на децата на своите пријатели и роднини, но неговата идеја прераснала во голем хуманитарен проект во 2016 година. Тогаш на Фејсбук објавил дека ќе ја посети Детската болница „Старшип“ во Окленд доколку неговата објава добие 50 допаѓања.
Наместо 50, објавата собра повеќе од 400.000 допаѓања, па Лојд го исполнил ветувањето и ги посетил малите пациенти, создавајќи уникатни привремени тетоважи што им го разубавиле престојот во болница.
View this post on Instagram
Проектот има и длабоко лично значење за уметникот. Како дете, тој имал лузна од изгореница на раката, која често ја прикривал со цртежи за да се чувствува посигурно. Токму тоа искуство го инспирирало денес преку уметноста да им помогне на другите деца полесно да ја прифатат својата надворешност и да ја вратат самодовербата.
Со поддршка од болници и локални заедници, Лојд и денес продолжува да изработува персонализирани привремени тетоважи со безбедна боја што се отстранува со вода.
„Ништо не ми носи поголема радост од тоа да им ја зголемам самодовербата на децата со тетоважа направена специјално за нив. Единствениот проблем е што потоа не сакаат да се тушираат“, напиша тој со насмевка на социјалните мрежи.
View this post on Instagram


