Зулуфикар Зејнула - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Зулуфикар Зејнула - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Зејнула е новиот „министер за ајран, боза или за Бадентер“ – опозицијата „инвентивна“ за новиот член на Владата

Мицкоски во образложението зошто пратениците треба да гласаат за Зулфиќар Зејнула рече дека зрелоста на Владата се гледа во отвореноста на институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко.

Министер за ајран и министер за Бадентер, беа квалификациите на опозициските ДУИ и СДСМ за новиот министер без ресор Зулфиќар Зејнула, кој денеска беше избран во Собранието со 67 гласа „за“, 13 „против“ и без „воздржани“. Со изборот на Зејнула, премиерот Христијан Мицкоски ја заокружи реконструкцијата на Владата. Опозицијата гласаше против новиот министер бидејќи смета дека и со него не очекува дека нешто ќе се смени во владините политики, а премиерот Мицкоски побара извинување од пратениците за квалификациите за новиот министер.

Мицкоски во образложението зошто пратениците треба да гласаат за Зејнула, рече дека зрелоста на Владата се гледа во отвореноста на институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко.

Христијан Мицковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Христијан Мицковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Денеска, пред вас не барам поддршка само за еден кандидат, барам поддршка за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе што може да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или политичка припадност – рече Мицкоски.

Според Мицкоски, државата има потреба од стабилност, од институции што функционираат, од луѓе што нема да ја трошат енергијата на политички пресметки, туку ќе ја вложат во решавање на проблемите на граѓаните.

– Токму затоа денес го предлагам Зулфиќар Зејнула за министер без ресор. Овој предлог е дел од една поширока политика што ја водиме од самиот почеток – политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата. Тоа партнерство не се темели на поделби, туку на заедничка определба да се работи за интересите на сите граѓани – рече Мицкоски.

Скендер Реџепи од Европскиот фронт рече дека во ситуација кога државата е во општа економска и човечка криза, се занимаваме со отворање нови ресори и нови функции.

Скендер Реџепи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Скендер Реџепи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Владата ја централизира секоја институција – Собранието, медиумите, судството, ги фатила и политичките партии Вреди, а сега и ДПТ. ДПТ од партнер со Европскиот фронт се сврти како слуга на ВМРО. Бејџан Илјас беше еднаков со сите од Фронтот, но со помош на службите сега е слуга на ВМРО-ДПМНЕ – рече Реџепи.

Тој ѝ забележа на ДПТ дека иако Турците се сериозна заедница во Македонија која е застапена со 4 отсто, прифатила да добие функција министер без ресор.

– Вреди има министерство за бурек, а ДПТ за ајран или министерство за боза. Од една страна, силните министерства се кај ВМРО-ДПМНЕ и Стоилковиќ иако Србите во Македонија се еден отсто и од друга страна министерства без сила. Еден процент Срби, а раководат со министерство за локална самоуправа. Турците се повеќе застапени, а добиваат министер без ресор – рече Реџепи.

Пратеникот од ДПТ Бејџан Илјас порача дека со изборот на Зејнула, сведоци сме на зачувување на уставниот принцип на правична застапеност во Владата.

Бејџан Иљас - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бејџан Иљас – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Ова е порака дека институциите мора да останат отворени за сите граѓани. Ова е само првиот чекор, не смееме да дозволиме сè да заврши само со ова гласање. Изборот на министер сам по себе нема да ги реши проблемите, но ќе се залагаме за поголема застапеност на Турците, за подобро образование, инфраструктура. Јас како пратеник една година делувам како независен. Излегувањето од Европскиот фронт е направено достоинствено. Му благодарам на премиерот Мицкоски за довербата да бидеме дел од мнозинството и од Владата – рече Илјас.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски рече дека нема да го поддржат изборот на новиот министер. Според него, наместо визија станува збор за чиста борба за фотелји.

– Сметам дека изборот на Зејнула не е толку важен како избор на еден човек со што се докомплетира Владата. Мора да разговараме за функционирањето и за визијата на Владата и да разговараме што конкретно кандидатот може да направи. Мене ми е жал што наместо критериуми одиме во политички пазар. Не слушнавме кои ќе бидат обврските на новиот министер што ќе ги дефинира премиерот. Имаме политички калкулации и договарања. Стабилноста на владиното мнозинство воопшто не е доведена во прашање освен „Бадентерот“. „Бадентерот“ се зголемува и ако од тој аспект гледаме дали вистинската причина за изборот на нов министер е токму зголемувањето на Бадентеровото мнозинство. Дали е министер заради претставеноста на Турците или е министер за Бадентер – рече Спасовски.

Оливер Спасовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оливер Спасовски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Сали Мурати од Европскиот фронт зборуваше за непринципиелноста на ДПТ бидејќи на изборите го добиле мандатот благодарение на Европскиот фронт, а сега преминуваат на страната на власта.
Аднан Азизи од Вреди му реплицираше на Мурати дека е фрустриран бидејќи немал поддршка од гласачите.

– Вие сте како приватно движење, како турист, без гласачи, без поддршка. Турците знаат кој ги претставува во Македонија. Вие сте загрижен дека ДУИ повеќе нема да ве стави на листа – рече Азизи.

Мицкоски: Нека им служи на чест

Премиерот Христијан Мицкоски ги потсети пратениците дека на седницата за реконструкција на Владата кога побарале извинување, тој се извинил во името на целата Влада.

– Денеска имаше навреди кон новиот член на Владата, кон министерот без ресор. Рековте министер за бурек, за ова, за она. Сега како оди тоа, ние како Влада треба да молчиме или треба да бараме извинување. Како и да е, нека им служи ним на чест. Јас повикувам на поддршка за новиот министер без ресор, сметам дека Владата ќе добие на квалитет – рече Мицкоски.

 

Собранието го избра Зулфиќар Зејнула за нов министер без ресор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот