штедење
foto> pexels

Во јуни повеќе пари се ставиле на сметка отколку што се позајмиле

Месечниот и годишниот раст на кредитирањето е резултат на зголемените кредити на двата сектора, со поизразен придонес на кредитите на корпоративниот сектор, забележува Народната банка.

Граѓаните и компаниите продолжуваат истовремено и да штедат и да се задолжуваат. Но, месечниот тренд укажува дека барем во јуни тие биле повеќе „навлечени“ на штедење. Според податоците од Народната банка, во јуни во однос на мај, депозитите се зголемиле за 2,1 проценти, додека кредитите за 1,4. Но, на годишно ниво математиките се различни – растот на депозитите е 9,9 проценти, а на кредитите е 13,1 проценти.

На крајот од јуни вкупните депозити достигнаа речиси 11 милијарди евра, а кредитите околу 9,6 милијарди евра.
Месечниот и годишниот раст на кредитирањето е резултат на зголемените кредити на двата сектора, со поизразен придонес на кредитите на корпоративниот сектор, забележува Народната банка.

Анализата покажува дека граѓаните и натаму најмногу се задолжуваат за купување стан и за тековна потрошувачка. Станбените кредити во јуни пораснале за 1,6 проценти на месечно и 16,6 проценти на годишно ниво, што е највисока стапка на раст меѓу најголемите кредитни категории. Во исто време, потрошувачките кредити бележат раст од 1,5 проценти на месечно и 11,8 проценти на годишно ниво.

Во соопштението се наведува дека „кај најзастапените категории – потрошувачката и станбените кредити, е забележан месечен раст од 1,5 проценти и 1,6 проценти соодветно, при годишен раст од 11,8 проценти и 16,6 проценти, соодветно.“
Од друга страна, автомобилските кредити се намалиле за 0,6 проценти во текот на јуни, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечен пад од 2,4 проценти.

Структурата на паричната маса покажува интересен тренд. Иако вкупните средства во економијата растат, граѓаните и компаниите држат сè помал дел од нив во готовина. Во јуни готовите пари во оптек се намалиле за 1,9 проценти, додека депозитните пари пораснале за 2,6 проценти, краткорочните депозити за 1,7 проценти, а долгорочните депозити до две години за 2,8 проценти.
Овие движења упатуваат дека средствата сè повеќе остануваат во банкарскиот систем, додека истовремено продолжува силната побарувачка за кредити и кај компаниите и кај домаќинствата, што го одржува двоцифрениот годишен раст на кредитната активност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот