ВИДЕО | Како во научно-фантастичен филм — научници создадоа облека што сама се облекува
Научници од Јужна Кореја развија иновативен систем на паметна облека што може речиси целосно автоматски да се облече, без потреба од помош со рацете, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
Новата технологија е инспирирана од робот кој се движи слично како растение ползавец, а истражувачите веруваат дека во иднина може значително да им помогне на луѓето со намалена подвижност, но и на сите оние на кои им е потребно побрзо и полесно менување облека.
Од робот за спасување до облека од иднината
Основата на проектот е роботот-лоза СВАГ, развиен од професорката Алисон Окамура од Универзитетот Стенфорд. Овој робот се движи така што постепено се „извлекува“ од својот врв, што му овозможува да поминува низ тесни простори и да се приспособува на околината.
Поради својата флексибилност, технологијата претходно била користена во различни области – од истражување на урнати објекти до медицински постапки во кои роботот се движи низ човечкото тело.
Токму овој начин на движење му дал идеја на истражувачот Ким Нам Гјун да ја примени технологијата во создавање облека што сама се навлекува.
Тој за „Ројтерс“ објаснил дека идејата му дошла додека возел велосипед и го изненадил дожд. Тогаш се запрашал колку би било корисно доколку кабаницата може сама да се облече додека човекот е во движење.
Роботот се движи покрај телото на корисникот и ја превртува ткаенината додека напредува, со што овозможува облеката постепено да се навлече без користење на рацете.
Инспирација од природата
Начинот на работа на системот е заснован на растењето на бршленот, кој се шири следејќи ја формата на подлогата. По истиот принцип, роботот се движи по телото, ја следи неговата форма и истовремено ја наместува ткаенината.
Брзината на облекувањето зависи од притисокот на воздухот во системот, а целиот процес трае до десет секунди.
Досега се создадени неколку прототипови, меѓу кои ракави, панталони, но и костуми што го покриваат целото тело.
Иако деловите од роботот засега сè уште се забележуваат под облеката, досегашните тестирања покажале дека системот работи сигурно и прецизно.


