Турнир во борби меѓу роботи - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Остана без глава, но продолжи да се бори — во Кина се одржа првиот турнир во борби меѓу роботи

Она што до неодамна можеше да се види само во научно-фантастичните филмови, денес стана реалност. Во кинескиот град Шенжен се одржа првиот светски натпревар во борби меѓу хуманоидни роботи, на кое машините ги одмерија силите во ринг пред бројна публика, пишува „Тајмс оф Индија“.

Натпреварувањето беше организирано од кинеската компанија „Енџин АИ“, а организаторите го претставија како прво светско натпреварување во слободни борби меѓу хуманоидни роботи. Во арената беа поставени 32 екипи од различни делови на светот, кои настапија со истиот модел на робот, со цел исходот да зависи од управувањето и програмските решенија, а не од различна механичка конструкција.

Најголемо внимание привлече првата борба, во која еден робот со силен удар со нога го погоди противникот во главата и буквално му ја откина. И покрај тоа што главата остана да му виси само на еден кабел, оштетениот робот продолжи да задава удари и да се обидува да ја продолжи пресметката.

По уште еден пад, кабелот целосно се скина и главата се одвои од телото. Сепак, машината не престана веднаш да функционира. Благодарение на системите сместени во трупот, роботот продолжи да се движи и да се бори до крајот на мечот, а победничкиот робот потоа со движења налик на прослава ја одбележа победата.

Според достапните податоци, роботот што беше користен на турнирот е висок 173 сантиметри и тежок околу 75 килограми, вклучувајќи ја и батеријата. Телото му располага со 29 степени на подвижност, а секоја дланка има уште седум, што му овозможува да изведува сложени движења кои потсетуваат на човечките.

Организаторите објаснија дека целта на натпреварувањето не е само да понуди необичен спектакл, туку и да придонесе за развојот на роботиката. Преку вакви борби се тестираат рамнотежата, брзината на одлучување, координацијата меѓу сензорите и отпорноста на роботите во реални услови, со што се забрзува нивната примена во различни индустрии. Воедно, амбицијата е да се создаде светски препознатлива професионална лига за борби меѓу хуманоидни роботи.

Основачот и извршен директор на компанијата „Енџин АИ“, Жао Тонгјанг, и претходно ја демонстрираше довербата во својата технологија кога облече заштитна опрема и му дозволи на роботот да го удира. За време на демонстрацијата, еден силен удар со нога беше доволен да го собори на земја.

На настанот присуствуваше и познатиот актер и мајстор на боречки вештини Дони Јен, кој рече:

„Искрено, досега борби меѓу роботи гледав само во научнофантастични филмови.“

Потоа додаде:

„Но денес, првпат имав можност одблизу да гледам вистински роботи како се борат. Да се биде сведок на овој историски чекор е сосема поинакво искуство. Тежината на машините и прецизноста на нивните движења се навистина неверојатни.“

Кина веќе извесно време ги користи боречките вештини како начин да го прикаже напредокот во роботиката. Претходно големо внимание привлекоа и јавните настапи на хуманоидни роботи кои синхронизирано изведуваа сложени движења со луѓе, а најновото натпреварување дополнително покажа колку брзо се развиваат способностите на овие машини.

ВИДЕО | Робот проси со кју-ар код — најсмешната или најдистописка снимка на неделата, а можеби и двете

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот