Шерон Озборн откри што ѝ рекол Ози пред смртта: „Кога ќе посакаш да се сетиш на мене…“
На првата годишнина од смртта на легендарниот рок-музичар Ози Озборн, неговата сопруга Шерон Озборн откри кој совет ѝ го дал за да го памети кога повеќе нема да биде покрај неа, пишува „Ролинг стоун“.
Препорачано
Говорејќи за Би-би-си за време на одбележувањето на првиот Ден на Ози во неговиот роден Бирмингем, Шерон рече дека тој сакал луѓето да го слават на единствениот начин што му прилегал.
„Како што Ози велеше: ‘Кога ќе посакаш да се сетиш на мене, само пушти ја музиката најгласно што можеш и треси ја главата во ритамот’“, изјави таа.
Шерон истакна дека токму неговата искреност била една од најголемите причини поради кои луѓето толку многу го сакале.
„Тој беше автентичен. Никогаш не се обидуваше да биде нешто што не е. За сè ќе ти ја кажеше вистината и секогаш знаеше на што си со него. Беше искрен, навистина искрен и многу духовит“, рече таа.
Таа се присети дека дури и по нивните најжестоки расправии, Ози знаел да каже нешто толку апсурдно што двајцата завршувале во смеа.
„Можевме да ја имаме најлошата расправија на светот, но на крајот ќе се смеевме, бидејќи ќе кажеше нешто толку смешно што едноставно не можевме да престанеме да се смееме“, додаде Шерон.
Таа изрази надеж дека Бирмингем и во иднина ќе продолжи да го одбележува Денот на Ози, нагласувајќи дека токму овој град е неговиот дом и местото каде што започнала неговата приказна.
„Ова е домот на хеви металот. Ова е домот на Ози. Тука е роден, овој град го сакаше и вакво одбележување не би имало исто значење никаде на друго место“, рече таа.
На годишнината од неговата смрт се огласија и членовите на „Блек Сабат“. Басистот Гизер Батлер објави фотографија од Озборн и напиша:
„Тешко е да се поверува дека помина една година. Среќен сум што успеавме да го одржиме последниот концерт во нашиот роден град, само неколку недели пред Ози да нè напушти. Него физички го нема, но неговата легенда ќе живее засекогаш. Ози засекогаш!“


