На Израел му се заканува сегрегација меѓу мажи и жени?
Родовата сегрегација во Израел предизвикува загриженост откако градот Бнеи Брак планираше физичко раздвојување на мажи и жени на две улици.
Град со силно ултраортодоксно влијание сака да ги раздели мажите и жените на две улици. Во исто време, Кнесетот овозможува универзитетски програми организирани по пол. Полибералните Израелци се згрозени од овие потези.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На Гугл стрит вју улицата „Шломо ХаМелех“ во Бнеи Брак не изгледа особено впечатливо: тесна асфалтна коловозна лента, опкружена со станбени згради, а на тротоарите со црвено-бели рабници во моментот на снимањето има само неколку минувачи – претежно мажи во традиционални долги капути и црни шапки карактеристични за ортодоксните Евреи, а поретко и жени.
Сепак, токму околу слободата на движење на жените на две улици во градот се разви спор што далеку ги надминува границите на оваа општина со околу 200.000 жители во близина на Тел Авив.
Според локалните медиуми, градската администрација веќе започнала со проширување на тротоарите, поставување разделни огради и информативни табли кои физички би ги раздвојувале мажите и жените. По жестоките критики, работите биле прекинати, а веќе поставените табли повторно биле отстранети.
Полибералните Израелци стравуваат дека во Бнеи Брак се создава преседан кој, непосредно пред есенските избори, би можел дополнително да го зајакне влијанието на ортодоксните тврдокорни кругови во општеството. Дополнителна загриженост предизвикува и закон што паралелно се разгледува во Кнесетот, а кој според критичарите делумно ја доведува во прашање родовата еднаквост, иако таа е гарантирана со повеќе пресуди на Врховниот суд.
Оградите требало да овозможат одвоен пристап до свадбените сали
Родовото раздвојување не е невообичаена појава во јудаизмот. Во ортодоксните синагоги постојат физички одвоени простори за мажи и жени. Строго религиозните верници го почитуваат и начелото да не допираат лице од спротивниот пол, дури ни при поздравување. За време на верски празници и свадби, ортодоксните Евреи најчесто седат разделени според полот.
Оттука произлегува и иницијативата во Бнеи Брак. Во засегнатата населба има свечени сали кои, особено за време на свадби, се целосно исполнети. Според желбата на локалните рабини, гостите требало уште при пристигнувањето да можат да се движат по одвоени патеки за мажи и жени.
Но, критичарите предупредуваат дека јавни средства би можеле да се користат за трајно воведување родова сегрегација во јавен простор, кој по својата природа треба да биде неутрален и достапен за сите граѓани.
Во меѓувреме, според израелските медиуми, градските власти се повлекле од првичните планови. Тие соопштиле дека единствената цел е приспособување на физичката инфраструктура поради зголемениот број луѓе што се собираат во областа. Родовата сегрегација, тврдат властите, не е ниту наредба ниту официјална политика на градот.
Врховниот суд ја гарантира слободата на движење на жените
Со децении, демографските трендови во Израел одат во корист на религиозните ортодоксни и ултраортодоксни заедници, од кои дел имаат и конзервативно-националистички ставови. Тоа сè повеќе врши притисок врз политичкиот систем на земјата.
Уште во Декларацијата за независност од 1948 година, државата Израел гарантира политичка и социјална еднаквост на сите граѓани „без разлика на верата, расата и полот“.
Истовремено, основачот на државата Давид Бен Гурион им ветил на ултраортодоксните кругови дека државата и нејзините институции ќе почитуваат одредени важни верски правила, со цел да се обезбеди нивната поддршка за новоформираната држава.
Врз основа на овие принципи, претходните обиди за воведување родова сегрегација биле поништени од судовите.
Како значаен преседан се смета пресудата од 2011 година, кога Врховниот суд јасно утврдил дека во јавниот автобуски превоз не смее да се наложува поделба по пол, дури и на линии кои минуваат низ ултраортодоксни населби. Судот исто така нагласил дека врз жените не смее да се врши никаков притисок да седат во задниот дел на автобусите.
Во 2017 година, судот го проширил овој принцип и на јавниот простор. Тогаш градот Беит Шемеш бил задолжен да ги отстрани таканаречените „табли за пристојност“, кои им наметнувале правила за облекување на жените и ги повикувале да избегнуваат одредени делови од тротоарите во близина на јешивите – верски високообразовни институции за изучување на Тората.
Градот ги отстранил таблите со задоцнување, а потоа религиозни екстремисти повеќепати самостојно поставувале нови.
Кнесетот дозволува универзитетска настава одвоена по пол
Противниците на родовото раздвојување во Бнеи Брак веќе поднеле итна жалба до Врховниот суд.
Иако досегашната судска практика е на нивна страна, прашањето за еднаквоста се отвора и на уште еден фронт.
Во четвртокот (16.07) Кнесетот усвои закон со кој универзитетите и високите стручни школи добиваат право да организираат магистерски студии и докторски програми одвоени по пол.
Досега таква практика постоеше само кај одредени додипломски студиски програми, а судовите повеќепати интервенирале поради дискриминација врз жените.
Новата регулатива треба да се спроведува на доброволна основа и не смее да доведе до раздвојување надвор од училниците. Сепак, високообразовните институции протестираа уште пред гласањето, предупредувајќи дека ваквиот закон може да ги поткопа академските стандарди, особено во медицината и здравството.
Критичарите стравуваат дека на жените би можел да им биде отежнат пристапот до високо специјализирани професии. Од друга страна, за високите стручни школи новите правила би можеле да бидат корисни, бидејќи би привлекле нова група студенти и со тоа би обезбедиле дополнителни финансиски средства.
Гласањето беше меѓу последните во актуелниот состав на парламентот. Потоа Кнесетот официјално се самораспушти и го отвори патот за предвремените парламентарни избори закажани за 27 октомври.
Покрај законот за високото образование, десничарско-религиозно-националистичката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху усвои и други контроверзни законски решенија.
Кнесетот одлучи да ги ограничи контролните овластувања на државниот јавен обвинител врз владата. Нов медиумски закон, според критичарите, ѝ овозможува на владата поголемо влијание врз медиумите. Дополнително, вклучувањето на изучувањето на Тората во уставната рамка би можело во иднина да доведе до трајно ослободување на ултраортодоксните мажи од воена служба.
Ова прашање со години претставува еден од најголемите извори на поделби меѓу различните струи во израелското општество.
Сè укажува дека дебатите за карактерот на израелското општество и заедничкиот живот на неговите граѓани ќе бидат меѓу клучните теми во првата национална изборна кампања по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година и војните во Газа, Либан и Иран.
Извор: DW/ Автор: Давид Ел


