Фото: Државен студентски дом - Скопје

Законот за студентски стандард со заострени казни го штити системот од студентите, реагира Левица

Од политичката партија Левица преку соопштение остро го критикуваа предлог-законот за студентски стандард кој денеска е на дневен ред во Собрание, оценувајќи дека наместо да ги решава долгогодишните проблеми со кои се соочуваат студентите, тој воведува построги дисциплински мерки и остава простор за, како што велат, самоволие при неговата примена.

„Наместо да понуди решенија за вистинските проблеми со кои секојдневно се соочуваат студентите, како партизацијата при распределбата на местата во студентските домови, неопходната дигитализација, недостигот од капацитет и хроничната негрижа за студентскиот стандард – власта составила дисциплински правилник маскиран како социјална реформа и предлага мерки со кои прекумерно се заоструваат казните, а управите во студентските домови под нивна палка би имале можност полесно да избркаат бунтовни студенти“, стои во реакцијата на опозициската партија.

Со измените, велат оттаму, забраната за користење дом повеќе нема да трае најмногу една година, туку од една до дури пет години, што значи санкционираниот студент во тој период нема да може да стапне во сите студентските домови низ цела држава.

„Една управа ќе може практично да му ја пресече можноста за домување на студентот во целиот тек на студирањето. Притоа, во ист санкциски кош се ставаат целосно неспоредливи ситуации: насилство, дискриминација и намерно уништување имот се изедначуваат со долг за сместување, внесување алкохол, непријавен дефект или спречување контрола во собата. Нема сериозно степенување според тежината, намерата, последиците и околностите. ДПМНЕ пропишува распон до пет години, но не пропишува јасни мерила според кои ќе се утврди дали некој ќе биде исклучен една, три или пет години“, забележува Левица, нарекувајќи го законот „за касарнски режим скроен за послушни станари, односно партиски подобни“.

Во реакцијата се критикува и новиот систем на бодирање за прием во студентските домови. Од Левица наведуваат дека постојат неусогласености меѓу одредбите што се однесуваат на приходот по член на семејството и критериумите за покривање на трошоците за сместување и исхрана, како и дека дел од социјално ранливите категории би можеле да останат надвор од предвидените квоти поради технички недоследности.

„Конечно, закон насловен како ‘Закон за студентскиот стандард’ не смее да биде сведен само на легла, куќен ред и казнени мерки. Студентскиот стандард значи стипендии, градски и меѓуградски превоз, кирии, достапно домување, квалитетна исхрана, кредити со социјални гаранции, здравствена и психолошка грижа, дигитална опрема, културни и спортски поволности и посебна заштита за студентите од сиромашни и ранливи семејства“, се вели во реакцијата на Левица.

Кој ќе внесе алкохол во студентска соба, нема да стапне во домот и до пет години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот