Турција води, Италија е хит: колку пари ви требаат за летување годинава?
Иако цените зависат од категоријата на хотелот, термините и типот на собата, туристичките работници велат дека најбрзо се пополнуваат хотелите со четири и пет ѕвезди кои нудат бесплатен престој или значителен попуст за деца.
Италија, Шпанија, Египет, Јадран или Турција. Или да се избере најблиската Грција. Каде да се патува годинава за летен одмор? Македонските туристички агенции имаат секакви понуди, од пакет туристички аранжмани од шест до 10 дена во зависност од дестинацијата, до полупансиони и сместувачки капацитети кои нудат само ноќевање. Понудите се за сечиј џеб. Само треба да ја одберете дестинацијата.
Препорачано
Во агенциите велат дека годинава интересот на македонските туристи е значително зголемен за авионските аранжмани за Турција, Италија и Шпанија, но има и дел кои се заинтересирани за Јадранското приморје и Грција. Покрај хотелите со „сè вклучено“ понуда, сè повеќе се бараат и апартмански сместувања, особено кај семејствата што сакаат поголема слобода и пониски трошоци.
– Нудиме аранжмани за Турција, Египет и Шпанија. Се бара место повеќе. Најчесто прво се резервираат авионските карти, а потоа се избира хотел – велат од една од туристичките агенции што продава аранжмани за летната сезона. Според агенцијата, најбарана е Италија, но се резервираат и патувања во Шпанија.
На веб-страниците на повеќе македонски агенции веќе се објавени десетици чартер и редовни авионски програми за Анталија, Бодрум, Кушадаси, Коста Брава, Сардинија, Неапол и Јужна Италија, што покажува дека изборот е поголем во споредба со претходните години.
Шпанија останува една од најатрактивните европски дестинации. Во понудите на македонските агенции доминира Коста Брава со престој во Лорет де Мар и можност за факултативни посети на Барселона, Фигуерас, Монсерат, Порт Авентура, како и француската ривиера. Објавените цени за авионски пакет-аранжман започнуваат од околу 600 евра по лице, додека автобуските програми се движат од околу 650 евра.
Тоа значи дека двојка што ќе избере основен авионски пакет би платила од околу 1.200 евра. Доколку патува семејство со две возрасни деца и сите плаќаат целосна цена, трошокот би започнувал од околу 2.400 евра, без дополнителни факултативни излети, туристичка такса и лични трошоци. За семејствата со две деца до 12 години конечната цена зависи од хотелот и условите за детски попусти, кои се разликуваат од хотел до хотел.
Италија е уште една дестинација која годинава бележи раст на интересот. Туристичките агенции нудат летувања на Тиренското Море, Сардинија и програми што вклучуваат посети на Неапол, Амалфи брегот, Помпеја и островот Капри. Дел од авионските аранжмани се нудат по промотивни цени од околу 799 евра по лице, додека редовните цени достигнуваат и над 1.200 евра, зависно од хотелот и периодот на патување.
За пар, ваквиот аранжман би чинел од околу 1.600 евра, додека четиричлено семејство со возрасни деца би требало да издвои најмалку 3.200 евра доколку сите плаќаат полна цена. Кај семејствата со помали деца, цената повторно зависи од условите што ги нуди хотелот.
– Годинава се бараат многу патувањата за Италија, веројатно поради директните летови. Обично се петдневни аранжмани со целосен пакет што вклучува авионски билет и сместување со појадок или полупансион. Туристичките излети не се во цената, но сепак се примамливи за македонските туристи – велат во една туристичка агенција.
Најголемиот број резервации, сепак, се однесуваат на Турција. Анталија, Белек, Сиде, Кемер, Алања, Бодрум и Кушадаси остануваат најбараните дестинации благодарение на концептот „сè вклучено“, директните чартер-летови од Скопје и големиот избор на хотели со содржини за деца. Повеќето македонски агенции имаат специјализирани летни програми токму за овие турски летувалишта.
Иако цените зависат од категоријата на хотелот, термините и типот на собата, туристичките работници велат дека најбрзо се пополнуваат хотелите со четири и пет ѕвезди кои нудат бесплатен престој или значителен попуст за деца. Според туристичките агенции, голем број патници годинава резервираат неколку месеци однапред за да обезбедат подобра цена и поголем избор на хотели. Раните резервации овозможуваат попусти, но и сигурно место на чартер-летовите, кои во шпицот на сезоната брзо се распродаваат.
Туристичките експерти оценуваат дека интересот за авионски одмор ќе продолжи да расте и во текот на август, особено за семејствата кои сакаат целата организација – авионски превоз, трансфер, хотел и туристичка поддршка – да биде вклучена во еден пакет. Токму затоа, Турција останува прв избор за семејните одмори, додека Италија и Шпанија сè повеќе ги привлекуваат патниците, кои покрај плажите сакаат да посетат културни и историски знаменитости.
ФОТО | Најдобри нудистички плажи во Грција за несекојдневно летно бегство


