Пошта / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Македонска пошта не работи: Проблемот е во дефектот или во децениската неодговорност?

Од Пошта велат дека има дефект во софтверската инфраструктура од непознати причини. Во април, министерот за транспрт Николовски најави дека „во следниот период очекуваме да се набави софтвер за Македонска пошта, како и сортирка што во регионот воопшто ја нема, што ќе значи дека Поштата ќе биде најмодерна поштенска институција во целиот регион.

Откако граѓани споделија на социјалните мрежи дека не може ни да пратат писмо преку Македонска пошта, ниту, пак, да подигнат пратка, се огласија и од ова државно претпријатие.

„АД Пошта на Северна Македонија ја информира јавноста дека е точно оти веќе три дена информатичкиот систем на компанијата не е во функција поради дефект на серверската инфраструктура. Во овој момент причините за дефектот сè уште не се познати и не може да се тврди дека е настанат како последица на невремето или од која било друга конкретна причина. По целосното нормализирање на системот, ќе биде спроведена детална анализа за утврдување на причините за настанатиот дефект“, велат од АД Пошта.

Оттаму посочуваат дека во меѓувреме, стручните служби на АД Пошта, заедно со ангажирани надворешни професионални експерти, интензивно работат на целосно враќање на информатичкиот систем во функција.

„Приоритет е системот да биде обновен безбедно, без губење на ниту еден податок“, велат оттаму.

Но, дека работата не е од вчера може да се види од изјавата на министерот за транспорт и врски Александар Николовски, кој во април најави дека „во следниот период очекуваме да се набави софтвер за Македонска пошта, како и сортирка која што во регионот воопшто ја нема и ќе значи дека Поштата ќе е најмодерна поштенска институција во целиот регион“.

Прекините во работењето на Македонска пошта не се изолиран случај. Во изминатите години компанијата се соочува со низа проблеми – од финансиски загуби и недостиг на кадар, до застарена опрема и чести застои во поштенскиот сообраќај. Според последниот финансиски извештај, а кој се однесува за 2024 година, Пошта била во загуба 6,3 милиони евра, во 2023 година минусот бил 2,3 милиони евра… Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија, објавен на крајот од 2024 година, е потенцирано дека „Пошта континуирано е во загуба“. Тогаш е констатирано и дека не постои донесена држава стратегија за развојот на Поштата, иако се платени 795.000 евра за изработка на студија!

Дополнителен удар во работењето на Поштата низ годиниве, беше губењето на лиценцата за вршење платен промет во 2019 година, кога Народната банка и ја одзеде дозволата поради неисполнување на законските услови. Со тоа Поштата остана без една од своите најзначајни дејности и извори на приходи.

Во меѓувреме, голем дел од услугите се соочуваат со критики од корисниците поради доцнење на пратките, долгите редици во експозитурите, недоволен број вработени и честите технички проблеми. За да „тргне работата“, Македонска пошта во април доби 100 нови возила за разнесување пратки. Набавени се 90 пикапи и 10 комби со што, како што рече директорот Орхан Куртиши, поштата ќе може нормално и без проблеми да ја извршува својата основна функција.

-Малите возила се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1.800 килограми и ќе помогнат многу во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на Поштата – рече Куртиши.

Министерот Николоски рече дека цел на Владата во идниот период е да го зголеми квалитетот на Поштата односно да се подобри ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за 15 проценти, како и подобрување на индикаторот за профитабилност за дополнителни 15 проценти.

„Она што исто така е значајно и е за поздравување е дека Македонска пошта, без разлика што пазарот е либерализиран, е единствената институција што врши универзална услуга, што значи без разлика дали станува збор за најголема пратка или за најмало писмо, кое од Скопје треба да стигне во најмалото село во Македонија, тоа го прави Пошта и тоа е за поздравување”, рече Николоски.

Пред повеќе од една деценија изгоре Централната заграда на Македонска пошта. Целиот комплекс на Поштата на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. Во 2024 година беше најавено дека таа ќе се реконструира и ревитализира, како и дека ќе прерасне во современ мултифункционален културен центар. Но, засега тоа е најава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот