Маѓар: Унгарија го истражува кредитот од една милијарда евра одобрен на Македонија
Унгарскиот премиер истакна дека заемот кој ѝ е даден на Македонија е со многу поповолна камата од каматната стапка по која унгарските компании и Унгарците добиваат кредити, но и од стапката по која унгарската држава зема кредити.
Унгарија го истражува заемот од една милијарда евра што претходната влада ѝ го додели на Северна Македонија преку државната банка „Ексимбанк“ по многу поволни услови, изјави денеска премиерот Петер Маѓар, објавија унгарските медиуми.
Препорачано
„Заемот, доделен со каматна стапка од 3,25 проценти со целосен ризик обезбеден со 100-процентна владина гаранција, е меѓу неколкуте трансакции поврзани со „Ексимбанк“ кои сега се проверуваат“, изјави Маѓар.
Унгарскиот премиер истакна дека заемот кој ѝ е даден на Македонија е со многу поповолна камата од каматната стапка по која унгарските компании и Унгарците добиваат кредити, но и од стапката по која унгарската држава зема кредити. Тој ја спомена нуклеарната централа Пакш како пример, во врска со која Унгарија доби средства со многу повисока каматна стапка, како и во многу други договори.
Маѓар рече дека заемот за Северна Македонија би можел да значи дека претходната влада користела средства наменети за поддршка на унгарските компании за да го зајакне странскиот политички сојузник и потенцијално да ги фаворизира пријателските компании.
Четири случаи се пријавени во полицијата
Маѓар соопшти дека Министерството за економија и енергетика пријавило четири случаи поврзани со „Ексимбанк“ во полицијата, вклучувајќи го и заемот за Северна Македонија, за сомневање за злоупотреба, небрежно управување и кривични дела поврзани со банкрот.
Меѓу случаите е и африкански инфраструктурен проект од приватна компанија за кој „Ексимбанк“ и Унгарската банка за развој обезбедиле финансиска гаранција од 394 милиони долари, соопшти Маѓар. „Ексимбанк“ не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар за истрагата.
„Владата не сака и нема да донесе пресуда во овие случаи… сепак, ние ќе обезбедиме секаква потребна помош за да утврдиме дали се извршени кривични дела“, рече Маѓар.
Унгарската влада достави предлог-закон до парламентот претходно во јули со кој ќе се воспостави канцеларија за борба против корупцијата. Истиот ден, Европската комисија објави дека Унгарија ќе се приклучи на Европското јавно обвинителство.


