Фото: mia.mk

Половина од унгарскиот кредит веќе се потроши- ќе се гради, асфалтира, реконструира, а ќе се купи и некоја машина

Исплатата почна во март и до 15 мај се потрошени 125,8 милиони евра во три транши, односно половината од предвидените 250 милиони. Поддршка за развој, нови градби или машини добиле 470 проекти

Половина од средствата од унгарскиот кредит досега им се исплатени на компаниите преку Развојната банка. Исплатата почна во март и до 15 мај се потрошени 125,8 милиони евра во три транши, односно половината од предвидените 250 милиони. Поддршка за развој, нови градби или машини добиле 470 проекти.

Средствата се пласираат кон компаниите под исклучиво поволни услови, рок на отплата до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години и каматна стапка од 1,95 отсто, како и без надоместок за одобрување и управување. Анализата покажува дека малите претпријатија доминираат, со што се докажува фактот дека тие досега беа „гладни“ за нови обртни средства, кои по се изгледа не успевале да ги добијат преку банките или пак им била превисока каматата за да ги земат.

Претресот на проектите во сите три транши варира во зависност од интересот, но се добива впечаток дека овие средства најмногу ќе се користат во градежништвото. Имено со првата исплата во износ од 10,4 милиони евра, 48 отсто од средствата биле наменети за градежни проекти, 22 отсто влегле во опрема и речиси исто толку за набавка на транспортни средства. Само 10 отсто биле вложени во обновливи извори на енергија.

– Со овие средства се поддржани 3 микро, 25 мали, 11 средни и 8 големи компании во државата. Од оваа транша во најголем дел се поддржани компании од областа на производството со износ од 3 милиони евра – соопшти Развојната банка за првата транша, која според нив била обработена и исплатена во најбрзо време, бидејќи Рамковните договори со банките се потпишуваа по 31 јануари годинава.

И меѓу заинтересираните за втората транша од унгарскиот кредит, дури 62 отсто биле мали претпријатија, кои понудиле 153 проекти. Оваа исплата тежеше 74 милиони евра и почна во средината на април.

– По однос на структурата на дејности, 96 проекти се од областа на производството, 27 проекти за градежништво, 61 проект за трговија, 38 проекти за поддршка на транспортот, 9 за хотели и угостителство, 12 за услуги и 5 проекти за други дејности на компаниите – велат од Банката.

За набавка на опрема од втората исплата отишле 28 милиони евра, за градежни инвестициите 36 милиони евра, за обновливи извори на енергија 7 милиони евра и за транспортни средства 3 милиони евра.
Ни третата транша не се разликува многу од претходните, бидејќи и во неа доминираат малите компании – дури 91. За неа конкурираа и беа одобрени 175 проекти, а доминираа средствата за производството, во износ од 13,6 милиони евра.

– Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следнава: 45 отсто во градежништво, 47 отсто во опрема, 2 отсто  во обновливи извори на енергија и 6 отсто инвестиции во транспортни средства – објави Развојната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот