Пауербол џекпот - Фото: принтскрин/ Јутјуб

Добитникот на рекордниот џекпот од 1,82 милијарди долари во САД е брат на градоначалник во Арканзас

Мистеријата околу добитникот на историскиот џекпот од 1,82 милијарди долари на лотаријата „Пауербол“ е разрешена. Добитникот е Трејси Хартвик, помладиот брат на градоначалникот на Норт Литл Рок, Тери Хартвик, кој во изминатиот период беше предмет на истрага по пријава за несоодветно однесување, пишува „Њујорк пост“.

Според „Арканзас демокрит-газет“, Трејси Хартвик го освоил вториот најголем џекпот во историјата на „Пауербол“. Добитното ливче го купил на 24 декември 2025 година во продавница и бензинска станица на „Мрфи САД“ во Кабот, Арканзас.

Тој уплатил брзо ливче од 30 долари со дополнителната опција за зголемување на добивката. На ливчето имал 10 комбинации, но само првата била доволна за да ги погоди извлечените броеви: 4, 25, 31, 52, 59 и дополнителниот број 19.

Кога ја подигнал наградата на 5 јануари, Хартвик успеал да остане анонимен и се определил за еднократна исплата во готово од 834,9 милиони долари.

Од вкупната сума, тој задржал околу 94 отсто, односно 565 милиони долари, додека околу 219 милиони долари биле издвоени за даноци кон федералните власти и државата Арканзас.

Идентитетот мораше да биде откриен

Хартвик не можеше трајно да го сокрие својот идентитет бидејќи неговиот брат е избран јавен функционер. Според закон во Арканзас од 2021 година, добитниците на лотарија што се роднини со избрани претставници можат да останат анонимни најмногу шест месеци.

За споредба, другите добитници на лотарија во Арканзас, кои немаат врска со јавни функции, можат да ја зачуваат приватноста до три години.

Според локалните медиуми, дел од преостанатата сума ја добиле и други лица. Братот на Трејси, Тимоти Хартвик, добил три отсто од преостанатите 18,1 милиони долари, додека остатокот му припаднал на лице кое не е член на семејството.

Братот градоначалник беше под истрага

Тери Хартвик, градоначалникот на Норт Литл Рок, првпат ја извршувал функцијата од 1985 до 1988 година, а потоа повторно беше избран во 2020 година. Во 2024 година освоил уште еден мандат без противкандидат.

Во периодот кога неговиот брат ја освоил големата лотариска награда, градоначалникот бил под истрага по обвинувања дека несоодветно допирал две малолетни девојки по настап на средношколски хор.

Сепак, против 77-годишниот Хартвик не беа поднесени обвиненија, бидејќи истражителите не пронашле доволно докази за покренување кривична постапка.

Специјалниот обвинител на Арканзас, Роби Џонс, во образложението навел дека нема докази дека контактот бил со цел сексуално задоволување, што било неопходно за да се докаже конкретното кривично дело.

Ова не е прва контроверза поврзана со градоначалникот. Во текот на првиот мандат бил истражуван и поради наводи дека прифатил бесплатни патувања, посети на спортски настани и плаќања од компании што работеле за градот.

Локалните медиуми потсетуваат и на неговата афера во 1986 година со тогашна 16 години помлада членка на универзитетскиот тим за мажоретки, со која подоцна се оженил. Канцеларијата на градоначалникот не дала коментар за добивката на неговиот брат.

Вработен на бензинска пумпа излажал човек дека не го добил џекпотот на лотарија, па се обидел да украде 1,5 милиони евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот