Гостиварци ќе можат да полнат вода на седум места, Владата најави и цистерни ако има потреба
Започна дистрибуцијата на водата за гостиварци. Владата обезбеди три шлепери со 76 илјади литри вода за граѓаните на Гостивар, а количините ќе се зголемуваат во наредните денови во зависност од потребата и ако треба ќе бидат вклучени и цистерни со вода, информираше денеска на прес-конференција директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, кој ги презентраше и локациите каде ќе се дистрибуира водата.
Препорачано
Томовски рече дека Владата е во постојана и директна координација со сите надлежни институции и оти внимателно го следи развојот на настаните во секој момент.
„Покрај институционалната одговорност, постапките на надлежните органи, спроведување на сите неопходни контроли и лабораториски анализи, Владата интервентно одлучи за обезбедување на 50 литри питка вода за пиење којашто ќе биде доставена секој ден на граѓаните во Гостивар. Оваа мерка започнува од денес и ќе продолжи во наредните неколку денови со цел да се обезбедат основните потреби на населението, додека траат мерките и препораките на институциите“ најави Томовски.
Тој соопшти дека дистрибуцијата на водата ќе биде на локациите: Водостопанство Гостивар, градинка „Пролет“, Средното економско училиште Гостивар, ЈП Национални шуми – подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ подружница кај гаражите, Општа болница Гостивар и територијалната противпожарна единица Гостивар. Доколку има потреба локациите ќе бидат проширувани.
Владата ќе доделува по 50.000 литри дневно вода преку различни пунктови во Гостивар
Дополнително, водата ќе се доставува директно до градинките и до болницата во Гостивар за да се обезбеди непречено функционирање на овие клучни институции, заштита на најранливите категории, децата и пациентите.
Според Томовски, истовремено, сите надлежни институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за целосно утврдување на причините за настанатата ситуација.
„Очекуваме брзо и целосно расчистување на случајот, секој за кого ќе се утврди одговорност ќе сноси строга одговорност согласно законот“, нагласи Томовски.
Тој апелираше до сите граѓани да ги почитуваат препораките издадени од надлежните институции. Информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, Владата, Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и институциите коишто се занимаваат со оваа проблематика, со што ќе добијат навремени и точни информации.


