Оштетен автомобил во Аеродром / Фото: „Слободен печат“ - Филип Николов

Скопје погодено од ураган, опозициските советници бараат вонредна седница

По невремето што оштети стотици возила, покриви и повреди десетици жители на Скопје, се активираа кризните штабови на Град Скопје и на повеќето градски општини, кои од вчера активираа телефонски броеви каде што граѓаните можат да ги пријавуваат направените штети.

По страотното невреме што во вторникот го погоди Скопје и околните градови, илјадници скопјани побарале помош и пријавиле штети, биле откорнати стотици дрвја и голем број автомобили, а според последниот извештај од Управата за хидрометеоролошки работи, ветерот што го опустоши Скопје дувал со јачина од 130 километри на час, што, како што велат од Управата, е еднакво со силината на ураган.

– Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118км/ч. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери – вели УХМР.

ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја

Во Скопската котлина, на aвтоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/ч со правец север-северозапад.

Според Управата, најсилен ветер бил измерен во Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, каде што бил регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 километри на час.

ФОТО | Во невремето е оштетен и часовникот на Музејот на Град Скопје

Повредени десетици граѓани, оштетени државни објекти

Во однос на државната инфраструктура, оштетени се и објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, а оштетена беше и стрелката што покажува секунди на часовникот кај Музејот на Град Скопје.

Орканскиот ветер од вчера сруши дрвја и покриви, но не и рекордот за најбрз ветер во Македонија

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Небојша Настов изјави дека лекарска помош побарале 22 луѓе, од кои двајца биле задржани на болничко лекување.

Настов додаде дека најголем дел од пациентите се здобиле со полесни повреди и биле амбулантски згрижени.

– Од вкупно 22 пациенти, двајца се примени на болничко лекување, а другите се третирани поради полесни повреди. Еден пациент во текот на ноќта беше опериран поради скршеница на шаката. Другиот е странски државјанин, турист, кој се здоби со повреда на карлицата при пад на дрво. Кај него не беше потребен оперативен зафат, туку консултативен третман – изјави Настов.

Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Според министерот за здравство Сашо Клековски, на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) биле прегледани 11 пациенти, при што кај тројца биле констатирани посериозни скршеници.

Клековски истакна дека Министерството за здравство ја следи состојбата во здравствените установи погодени од невремето, а во Скопје штети претрпел покривот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ .

Опозицијата бара вонредна седница во Советот на Градот

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ преку социјалните мрежи најави дека партијата ќе иницира вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која ќе бара Градот да формира посебен фонд преку кој ќе се обесштетуваат граѓаните што претрпеа штета во силното невреме кое попладнево го погоди Скопје.

– Скопјани, се надеваме дека вие и вашите семејства се безбедни! Левица ќе иницира вонредна седница за обезбедување фонд за штетите предизвикани од невремето – дрвја, покриви итн. Имаше време да се постапи и да се отстранат БАРЕМ утврдените небезбедни дрвја! Треба целосно обесштетување на граѓаните, како од обележаните така и необележаните дрвја во оваа конкретна непогода, како и одлетани кровови и други работи. На Комисијата за безбедност при Градот Скопје, бараме дискусија за идните мерки што ќе бидат преземени – како и за предлагање наши мерки до градските власти – вели пратеникот од Левица.

ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја

Своја реакција имаше и координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска, која имаше низа критики во однос на справувањето на Градот со невремето, кое го спореди како тоа пред една деценија го погоди Стајковци, а критики имаше и за Орце Ѓорѓиевски.

– Потопот беше добар декор за втора епизода од истото сценарио и за евтин маркетинг. Веднаш по стишувањето на невремето, градоначалникот повторно се појави на терен, овој пат во улога на „дежурен спасувач“, со нови фотографии и уверувања дека надлежните екипи остануваат на терен сè до целосно расчистување. Но, со гол ПР и со евтини фејсбук-статуси не се управува со кризни ситуации. Градот не се води од мобилен телефон и филтрирани објави, туку со функционална канализациска мрежа, одржани корита, исчистени шахти, средени дрвја, покриви и електрична мрежа и оперативни служби што дејствуваат – вели советничката.

Таа додаде дека советниците на СДСМ ќе поддржат да се одржи вонредна седница на Советот на Град Скопје на која очекува да се донесе одлука за итна и конкретна финансиска помош за сите семејства и граѓани чии домови, возила и имот претрпеле штети во вчерашниот хаос, како и системски и долгорочни решенија – со јасни рокови, одговорни лица и реална контрола, за, како што вели таа, да се стави крај на скопската пракса да се чека следната природна непогода за да се види колку сме неподготвени.

– Скопје, градот на солидарноста, секогаш свикувал седници за помош на други градови погодени од катастрофи и затоа итно треба да се состане и сега да им помогне и да ги реши проблемите на своите граѓани – изјави Цаневска.

До крајот на мај Кисела Вода ќе добие затворен пливачки базен

Активни се броевите за пријавување штети

За потсетување, кризните штабови на Град Скопје и на повеќето градски општини активираа телефонски броеви каде што граѓаните можат да ги пријавуваат направените штети.

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека Кризниот штаб е целосно мобилизиран и додаде дека граѓаните на кои им е потребна помош или сакаат да пријават штета, можат да се јават на броевите 112, 072-314-929, 072-314-909 и 02/3297-204.

Градоначалникот Бобан Стефковски, пак, информираше дека невремето откорнало 40 дрвја во Гази Баба, а сериозно е оштетен и покривот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Маџари. За пријавување паднати дрвја на територија на Гази Баба, достапен е бројот 075 320 178.

Во Општина Аеродром, градоначалникот Дејан Митески соопшти дека граѓаните што претрпеле штета треба да ја пријават во Полициската станица – Аеродром, за да се изготват записници и навремено да се евидентираат штетите.

Откако ќе им биде изготвен записникот, жителите на Аеродром кои претрпеле штети од невремето пак, имаат можност да пополнат образец за пријавување на штети. Како што соопштија од Општината, образецот за пријавување штета е достапен во просториите на Општина Аеродром, а може да се преземе и од официјалната веб-страница на овој линк.

Заедно со пополнетиот образец, кон барањето задолжително е да се приложат фотокопија од важечка лична карта или пасош, доказ за сопственост (фотокопија од имотен лист), фотографии од локацијата по претрпената штета и записник од МВР за настанатата штета.

Потоа, за пријавување штета во Центар, достапни се броевите 075 219 068 и 076 350 767. Во Карпош пријавувањето штета може да се изврши на бројот 071-322-790, каде што жителите треба да ја наведат точната локација и кратко да го опишат проблемот.  Општина Чаир ги насочи граѓаните своите штети да ги пријавуваат на бројот 112. Во Кисела Вода двата броја за пријавување штети се 072 250 719 (Бобан) и 072 443 500 (Димитар). Бутелчани, пак, за пријавување штети од невремето треба да се јават на бројот 078-517-344.

До објавувањето на овој текст, општините Шуто Оризари и Сарај немаат објавено броеви за контакт каде што нивните жители би можеле да ги пријават штетите од вчерашното невреме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот