Филипче: Итно да се спроведат вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата
Итно да се спроведе вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават резултатите од физичките анализи, матност, мирис… како и хемиски анализи за нитрати, нитрити, амонијак, микробиолошки анализи и анализи за хлорирањето, побара денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тој побара и политичка и кривична одговорност за сите коишто учествувале во, како што кажа, „прикривање на информациите за труењето во Гостивар“, посочувајќи ги притоа министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенција за храна и ветерина и Обвинителството.
— Здравствениот систем во државата очигледно дека е во колапс. Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај. Станува збор за системски знаци би рекол на неефикасност, нефункционирање. Загадувањето на водата започнало уште на крајот на јуни и внимавајте, никој не реагирал, никој на ништо не укажал, ги оставиле луѓето во Гостивар да пијат загадена вода. Институциите со недели молчеле. Уште поскандалозно, не само што молчеле и ја прогласиле водата за питка дека можела да се пие — рече Филипче.
Тој се осврна и на информациите од болницата од Гостивар дека има хлориди многу повисока количина од предвидените, односно речис двојнио повеќе.
Филипче додаде дека истрагата не е отворена врз основа на пријава од Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветерина, туку дека Основното јавно обвинителство морало да отвори истрага по допрен глас што според него покажува дека контролните механизми во државата во овој конкретен случај во рамките на здравствениот систем едноставно не функционираат.
Лидерот на СДСМ оцени дека во прашање е доведено здравјето на граѓаните, како и дека обвинителот Савески ја користел тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на јавноста.
— Ова е опасна замена на тези, затоа што квалитетот на водата не се тајна во рамки на истрагата, туку е факт. Јавно здравствено значење има овој факт — нагласи Филипче.
Според него, сите што учествувале во прикривање на овие информации мора да сносат и политичка и кривична одговорност.
— Бараме политичка одговорност и оставки од овие луѓе, затоа што си поиграа и си поигруваат со здравјето на граѓаните, со уставното загарантирано право на граѓаните на здравје — рече Филипче.


