Јавачи на епидемијата или јавачи на вистината?
Министерот за здравство во изјава ги нарече докторите, кои во медиумите и на социјалните мрежи коментираат за случајот со загадувањето на водата во Гостивар, слободни јавачи на епидемијата. Со реакција веднаш се јавија лекари, а реагираа и дел од опозициските партии.
Министерот за здравство Сашо Клековски, само што седна во фотелја, отвори фронт со лекарите. Тој во изјава ги нарече докторите, кои во медиумите и на социјалните мрежи коментираат за случајот со загадувањето на водата во Гостивар, „слободни јавачи на епидемијата“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
— Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори што не се епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали — изјави Клековски и потенцираше дека Министерството ја следи состојбата, а Инфективната клиника има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат.
По ова, со реакција веднаш се јавија лекари, а реагираа и дел од опозициските партии.
Докторот микробиолог Никола Пановски, кој уште во првите денови од здравствената криза во Гостивар процени дека според сите епидемиолошки критериуми во градот веќе има епидемија на гастроентеритис и дека одложувањето на официјалното прогласување може да испрати погрешна порака до јавноста, на социјалната мрежа Фејсбук „јавно го замоли“ министерот Клековски да ги предупреди медиумите да не го бараат за совети и изјави.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат. Инаку мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, а требаше да се прогласи два дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица што воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат ‘хипотетично’ за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, напиша Пановски.
Помошта од искусни лекари-експерти е драгоцена
На ваквиот негов коментар одговори епидемиологот Драган Даниловски.
„Искусен микробиолог и паразитолог е клучен во решавање една епидемија на заразна болест – во случајов, цревна заразна болест. Особено драгоцена е помошта од долгогодишен професор по микробиологија и паразитологија, кој има експертски познавања и од епидемиологија и од инфектологија, каков што е професорот Никола Пановски. Зошто? Затоа што епидемиологот сам не може да постави целосна епидемиолошка дијагноза без да го знае причинителот. Инфектологот сам не може да постави точна клиничка дијагноза, исто така, без да му е познат причинителот“, напиша Даниловски на социјалните мрежи.
Токсикологот Нико Беќаровски, давајќи им совети на граѓаните на Валандово во чијшто водовод беше пронајдена поголема количина арсен, цинично на „Фејсбук“ напиша дека „си дозволил“ јавно да дели совети.
„Денес во јавноста молскавично се рашири веста дека во валандовскиот водовод е детектирано ниво од 14 ppb арсен, што реално преставува 40 отсто повисока концентрација од максималната дозволена од СЗО (10 ppb). Бидејќи сум само еден од тројцата супспецијалисти клинички токсиколози во Македонија, „си дозволив“ јавно да ги советувам граѓаните на Валандово“, напиша Беќаровски.
Онкологот Милан Ристески, на „Фејсбук“ излезе со долга објава во врска со долгорочните последици од колонизацијата или инфекцијата на дигестивниот тракт со колиформни бактерии што потекнуваат од водата затруена со фекалии. На крајот од објавата, тој напиша:
– Овој долг пост не е заради лајкови и им го посветувам на сите колеги што полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание.
Недозволиво е министер за здравство да критикува лекари
Лидерот на СДСМ Венко Филипче и поранешен министер за здравство, кој по професија е неврохирург, во изјава за „Слободен печат“, коментирајќи ги критиките на Клековски, вели дека е срамно и недозволиво министер за здравство да ги критикува лекарите.
– Срамно и недозволиво е вака да се однесува и да ги навредува лекарите. Тој е тука да ги штити граѓаните, а не да ги навредува лекарите. Тој треба да соработува со целата медицинска фела. Клековски треба да понесе кривична и политичка одговорност затоа што знаел дека водата е загадена, а молчел – вели Филипче.
Од Албанската лига на Зијадин Села сметаат дека министерот за здравство не може да ги замолчи критичките гласови и да одредува кој смее да зборува.
– Изјавата на министерот за здравство дека лекари што не се епидемиолози или инфектолози не треба да коментираат за случајот во Гостивар е неприфатлива и претставува обид за замолчување на стручната јавност. Ниту еден министер нема право да одредува кој смее, а кој не смее да даде стручно мислење. Секој лекар има право, но и професионална и етичка обврска да реагира кога станува збор за заштита на јавното здравје – велат од Албанска лига.
Од Левица порачаа Клековски, наместо да ги замолчува лекарите, да обезбеди целосна транспарентност, да ја утврди одговорноста и да одговори на сите прашања што ги поставува јавноста во врска со Гостивар.
„Клековски се осмелува да ги прекорува професорите од кои учел, доктори и специјалисти што имаат реална клиничка практика, и покрај тоа што според неговата биографија покажува дека професионалниот пат му е врзан за раководење со невладина организација, консултантска работа, а никако за долгогодишно лекување пациенти во болнички ординации. Одвај завршениот медицински факултет не му дава право од министерската фотелја да прогласува кои доктори смеат да зборуваат, особено кога зад себе нема никаква клиничка кариера со која би можел да им дели професионални легитимации на оние што секојдневно работат со болни луѓе“, велат од Левица.
Филипче: Загадена е водата и во болницата во Лешок
Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција обелодени документи од укажувачи за кои рече дека откриваат нов скандал со загадена вода во Болницата за белодробни болести во Лешок. Според Филипче, извештајот на Центарот за јавно здравје, за тестирање на водата од примерок земен во болницата, покажува сериозно отстапување од дозволените параметри.
– Извештајот за тестирање на безбедноста на водата е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датум на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупен број колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма од болницата каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода што е потребна за пиење. И ова е во болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција – праша Филипче.
Филипче: Итно да се спроведат вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата


