Израелски министер, Бен - Гвир / Фото: принтскрин / Х

ВИДЕО | Израелскиот министер Бен-Гвир влезе во комплексот на џамијата Ал-Акса со илјадници екстремисти

Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, им се придружи на илјадници еврејски екстремисти во влегувањето во најчувствителното свето место во Ерусалим, комплексот на џамијата Ал-Акса. Придружувани од вооружена полиција, толпата се молеше, мавташе со израелски знамиња и ја пееше националната химна, што претставува провокативно покажување политичка моќ и кршење на договор стар неколку децении. Според тој договор, познат како „статус кво“, на немуслиманите им е забрането да се молат на местото, кое муслиманите го нарекуваат ал-Харам ал-Шариф, а Евреите го нарекуваат Рид на храмовите, пишува „Гардијан“.

Системско поткопување на договорите

Во последните години, Бен-Гвир систематски го поткопуваше тој договор со серија посети на комплексот. Тој еднострано ги промени правилата за еврејските посетители и им дозволи да донесат молитвени книги и друг религиозен материјал на местото. Во јануари, на чело на ерусалимската полиција го постави својот идеолошки сојузник, што го отвори патот за понатамошни промени.

„Гледаме огромен напредок овде“ Бен-Гвир напиша на социјалните медиуми. Тој додаде дека Евреите кои се молат таму „се чувствуваат како сопственици“. Тој претходно изјави дека сака да го крене израелското знаме во комплексот и таму да изгради синагога.

Обвинувања за поттикнување верска војна

Палестинското Министерство за верски фондации и работи објави дека ваквите практики доаѓаат од највисоките политички нивоа на израелската влада.

„Овие провокативни практики се обид за поттикнување верска војна во целиот регион“, се вели во соопштението.

Израелската активистичка група „Мир сега“ објави на платформата X дека молитвите пред Ал-Акса и Куполата на карпата претставуваат „опасна провокација“ од страна на екстремистите кои сакаат да започнат верска војна.

„Ова директно го нарушува кревкиот „статус кво“ што ги забранува молитвите на немуслиманите на ова свето место“, рекоа тие.

Јорданското Министерство за надворешни работи остро го осуди влегувањето во комплексот и ја повика меѓународната заедница „да заземе цврст став и да го обврзе Израел, како окупаторска сила, да ги запре постојаните кршења на исламските и христијанските светилишта во Ерусалим“.

Историски контекст и нови инциденти

Посетата беше организирана на еврејскиот празник Тиша бе-Ав, кој го одбележува уништувањето на Првиот и Вториот храм на таа локација. Промените во статус квото историски се причина за конфликт. Посетата на тогашниот лидер на опозицијата Ариел Шарон во 2000 година ја предизвика втората палестинска интифада. Хамас го нарече својот напад врз Израел во октомври 2023 година „Поплава на Ал-Акса“ и како причина за тоа ги наведе израелските прекршувања на правилата во џамијата.

Одделот за исламски вакф, кој официјално управува со комплексот, објави дека 3.228 Израелци влегле во кругот во текот на утрото, а уште илјадници се очекуваат попладне. Иако премиерот Бенјамин Нетанјаху јавно ја поддржа еврејската молитва на местото и потврди дека промените биле координирани со него, тој во исто време инсистира дека Израел не го прекршил договорот.

Во текот на ноќта, илјадници луѓе маршираа низ делови од стариот Ерусалим. Според извештајот на Хаарец, некои нападнаа Палестинци и вандализираа муслимански гробишта во близина на Лавовата порта. Полицијата уапси 16 осомничени Евреи поради насилството.

ВИДЕО | Немири на влезот во Ерусалим, полицијата се судри со ултраортодоксни Евреи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот