Малдини за новиот селектор на Италија: Го сакаме Гвардиола, разговаравме и со Анчелоти
Новото раководство на Фудбалскиот сојуз на Италија одржа прес-конференција на која, покрај досегашните активности, најголемо внимание привлече темата околу изборот на нов селектор на националната репрезентација.
Препорачано
Претседателот Џовани Малаго, техничкиот директор Паоло Малдини и Леонардо зборуваа за процесот на избор на наследникот на клупата на „аѕурите“, откривајќи дека Федерацијата разговарала со неколку од најголемите тренерски имиња.
Во јавноста веќе извесно време се шпекулира дека прва желба на Италија е Пеп Гвардиола, а Малдини потврди дека тој навистина е меѓу главните кандидати. Сепак, откри дека контакти биле воспоставени и со Карло Анчелоти кој во овој момент го предводи Бразил.
„Гвардиола? Не можеме да откриеме никакви детали, но да, го посочивте како една од нашите цели. Разговаравме и со Анчелоти. Сметавме дека е исправно да започнеме со најдобрите тренери во светот, но пред сè мора да провериме дали тие воопшто се достапни во овој момент. Идеално би било оваа недела да го именуваме новиот селектор, но уште подобро би било да почекаме за човекот кој навистина го сакаме. Брзаме, но во исто време не сакаме да донесеме избрзана одлука“, изјави Малдини.
Според претходните информации на италијанските медиуми, најголемата пречка за евентуален договор со Гвардиола се неговите финансиски барања. Наводно, шпанскиот стратег бара плата која е двојно повисока од сумата што Италијанската фудбалска федерација е подготвена да ја издвои за новиот селектор.


