Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

Модната дизајнерка Ива Спасовска за животот во Америка: Њујорк има европски шарм, а Чикаго елеганција и мир

Спасовска зборува за животот помеѓу Чикаго и Њујорк, инспирацијата што ја црпи од патувањата, погледот кон современата мода, но и за пораката што преку својата работа и содржините на социјалните мрежи сака да ја испрати до жените.

Модната дизајнерка Ива Спасовска, која веќе извесен период живее во Чикаго, продолжува успешно да ја гради својата креативна приказна и надвор од Македонија. Неодамна престојуваше во Њујорк, град кој, како што вели, целосно ја освоил со својата енергија, архитектура и автентичен моден дух. Во интервју за „Слободен печат“, Спасовска зборува за животот помеѓу Чикаго и Њујорк, инспирацијата што ја црпи од патувањата, погледот кон современата мода, но и за пораката што преку својата работа и содржините на социјалните мрежи сака да ја испрати до жените.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

За почеток, како си и како ги поминуваш летните денови?

– Одлично сум, благодарам. Летово сè уште го поминувам многу динамично. Првата половина ја поминав во Македонија и на неколку прекрасни дестинации во Европа, како Германија, Турција и Грција, а втората ја продолжив во Њујорк и Чикаго. Најубавиот дел, секако, беше што повторно се видов со семејството, пријателите и со сите драги луѓе. А сега уживам во откривањето нови места, нови искуства и секојдневна инспирација, која подоцна се претвора и во содржина за моите социјални мрежи.

Ајде малку за твојата американска приказна. Патот те однесе во Њујорк и Чикаго. Те освои ли Њујорк и што е тоа што ти остави најголем впечаток?

– Апсолутно ме освои. Искрено, Њујорк ми стана омилен град во светот веднаш по Париз. Има некоја европска енергија што многу ми одговара – архитектурата, улиците, атмосферата… Сè некако те тера да сакаш да пешачиш и да го доживуваш градот. Но, најголем впечаток ми оставија луѓето. И покрај тоа што е огромен град, луѓето се многу опуштени, свои и пријателски настроени. Таа комбинација на космополитски дух, европски шарм и неверојатна енергија е нешто што навистина ме освои.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

Имаше ли време и за туристички прошетки и покрај модните инспирации? Која е разликата во споредба со Чикаго, градот во кој живееш?

– Ова ми беше вторпат во Њујорк и можам да кажам дека токму овој пат вистински се заљубив во градот. Освен модата, многу време поминував шетајќи низ различни квартови, затоа што сметам дека така најдобро се чувствува душата на еден град. Искрено, иако денес е многу потешко нешто навистина да ме воодушеви бидејќи сум посетила многу места, Њујорк успеа. Покрај луѓето и прекрасната архитектура со европски шмек, градот има некоја возбудлива енергија што се чувствува на секој чекор. Затоа денес можам да кажам дека, веднаш по Париз, ми е еден од омилените градови во светот.

Од друга страна, Чикаго е град во кој живеам и сосема поинаку го доживувам. Тој е порафиниран, поуреден и посмирен, со модерна архитектура и прекрасна комбинација на облакодери, реката и езерото.

И таму модата е многу присутна, но на еден поелегантен и пософистициран начин. Ако Њујорк никогаш не спие и постојано те држи во движење, тогаш Чикаго има некоја мирна самодоверба и квалитет на живот што многу ми се допаѓа. И двата града имаат посебен шарм, но секој на свој начин.

Кога сме кај модата, што најмногу ти остави впечаток? Дали навистина на улиците може да се види стилот што го паметиме од „Сексот и градот“?

– Да, но на еден многу поавтентичен начин. Њујорк е град каде што модата не е тренд, туку начин на изразување. Луѓето навистина имаат храброст да бидат свои и токму затоа улиците изгледаат како модна инспирација. Ќе видите и елеганција, и винтиџ, и луксуз, и потполно опуштен стил, сè на едно место. Мислам дека токму таа слобода во изразувањето е она што најмногу ме воодушеви.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

Постојано си активна на социјалните мрежи и споделуваш инспиративни видеа. Од каде дојде таа идеја и каква порака сакаш да им испратиш на жените?

– Инспирацијата дојде сосема природно. Сфатив дека луѓето денес немаат потреба само од убави фотографии, туку и од содржина што ќе ги охрабри. Затоа, покрај модата, сè почесто споделувам пораки за храброст, промени и самодоверба. Би сакала секоја жена да сфати дека никогаш не е доцна да почне одново и да го создаде животот што го посакува.

Кога сме кај модата, кои се најчестите дилеми што ги имаат дамите? Кој е твојот најважен совет кога станува збор за изборот на облека и градењето личен стил?

– Најчесто жените се обидуваат да носат нешто што им стои убаво на другите, наместо нешто што им одговара ним. Мојот совет отсекогаш бил ист: не купувајте нешто само затоа што е модерно. Секоја жена има различна градба, карактер и енергија, па затоа личниот стил секогаш треба да биде пред трендовите. Избирајте облека во која се чувствувате убаво, удобно и самоуверено. Стилот не се гради преку брендовите, туку преку тоа како ја носите облеката и колку таа ја одразува вашата личност.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

Има ли едно модно правило кое, според тебе, никогаш не излегува од мода?

– Ако има едно правило во кое верувам, тоа е дека елеганцијата никогаш не излегува од мода. Не е важно дали носите најнов тренд или класично парче, ако облеката ви стои убаво, ако е соодветна за приликата и ја носите со самодоверба, секогаш ќе изгледате стилски.

По толку години на модната сцена, дали денес жените се похрабри во изборот на облека отколку порано?

– По сите овие години во модата, сфатив дека стилот нема многу врска со облеката, туку многу повеќе со зрелоста на една жена. Кога жената ќе се прифати себеси, тогаш престанува да се крие зад трендовите и конечно почнува да ги носи работите, наместо тие да ја носат неа.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

Ајде малку и за твојата љубов кон модата. Како започна сè и дали беше тешко да се наметнеш на македонската модна сцена?

– Никогаш не се наметнувам, секогаш привлекувам. Така е и со модата. Љубовта кон неа кај мене не беше момент, туку чувство што трае речиси две децении. Уште од мала знаев дека креативноста е мојот начин на изразување, а подоцна таа прерасна во професија. Никогаш не сум верувала во наметнување, туку во создавање. Верувам дека кога твориш искрено, со љубов и со свој препознатлив потпис, не мора да ги бараш луѓето, тие сами доаѓаат до тебе. Така се гради мојата приказна веќе речиси 20 години.

За крај, колку Македонките се модерни и дали знаат да ги следат светските трендови, а притоа да останат верни на својот стил?

– Не мислам дека е важно колку добро ги следиме трендовите, туку колку добро се познаваме себеси. Македонките се информирани, модерни и инспирирани од светската мода, но секогаш ќе верувам дека најдобро облечена жена е онаа што не изгледа како копија на некој друг.

Ива Спасовска/Фото: Приватна архива

 

Филип Поповски за трката од Љубљана до Задар: Нашата дружина е +40, но истрчавме 400 километри за 36 часа како тим

Интервју со Валентин Петрески, ТВ-водител: Како и во кујната, така и пред камера, не одам по правила, туку по свој рецепт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот