Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Со одморени глави, ДУИ од септември со нови блокади

Интегративците ќе ги блокираат сите закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство ако претседателот на Собранието не го почитува Деловникот во делот на закажување на седниците, како и за да докажат дека власта нема двојно мнозинство, а со тоа на јавна сцена да докажат дека тие, а не Вреди го имаат легитимитетот да ги претставуваат Албанците.

Опозициската ДУИ на пауза ја стави блокадата за пакет-законите за високо образование за кои е потребно Бадентерово мнозинство. Компромисот помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е по летниот одмор на пратениците да се одржи јавна расправа за трите закони од сферата на високото образование, а партијата на Али Ахмети да не го блокира усвојувањето на дневниот ред за законите, брифираат пратеници од власта и од опозицијата. Сепак од ДУИ се децидни дека законите ќе ги блокираат ако власта не им ги прифати амандманите.

Според тоа, останува неизвесно дали законите за студентски стандард, за обезбедување квалитет во високото образование и наука, за научноистражувачка дејност и за високо образование ќе бидат донесени или ќе заглават во Собранието со процедуралните забелешки на интегративците.

Како што веќе објави „Слободен печат“, ДУИ ќе ги блокира сите закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство ако претседателот на Собранието не го почитува Деловникот во делот на закажување на седниците, како и за да докаже дека власта нема двојно мнозинство, а со тоа на јавна сцена да докаже дека тие, а не Вреди го имаат легитимитетот да ги претставуваат Албанците.

Од ДУИ брифираат дека засега ќе се воздржат од блокада на законите за образование и ќе почекаат по одморот да видат дали власта ќе ги прифати нивните амандмани. На вчерашната средба со претседателката на Комисијата за образование Иванка Василевска, и на денешната координација кај претседателот на Собранието Африм Гаши со шефовите на пратеничките групи било договорено ДУИ да паузира со блокада на законите, а за возврат власта го прифатила нивното барање за законите да се одржи јавна расправа на која ќе учествуваат експерти, професори и студенти. Исто така било договорено на денешната пленарна седница да биде усвоен само дневниот ред на седницата, а јавната расправа да се одржи кон крајот на август за да може професорите кои сега се на одмор да учествуваат во дебатата.
По гласањето на дневниот ред Гаши ја прекина седницата и информира дека дополнително ќе ги извести пратениците кога таа ќе продолжи.

Претходно координаторката на ДУИ Рина Ајдари процедурално му укажа на Гаши дека должност му е да го почитува Деловникот, односно членот 74.

– Напоменувам дека нема да толерираме непочитување на Деловникот во делот на закажување на пленарните седници, како и на седниците на матичните тела – рече Ајдари.

Гаши ѝ одговори дека Деловникот е јасен и дека тој се обидува седниците секогаш да ги води според него. Повикувајќи се на Деловникот, претседателот на Собранието кажа дека кога има итни седници може материјалите да ги доставува и порано од предвидениот рок.

Од ДУИ брифираат дека важно им е да се одржи јавна расправа за власта да се соочи со аргументите на експертите, професорите и на студентите за пакет-законите за високо образование, односно од нив да слушне дека тие содржат лоши решенија. Оттаму велат дека професорите инсистирале ДУИ да ги блокира законите и да не дозволи тие да поминат. Забелешки за законите има и опозицискиот СДСМ.
Според информации од власта, кај нив нема расположение да прифатат амандмани на опозицијата, што пак, ќе значи блокада на законите.

И додека ДУИ засега остава простор за пакет-законите за високото образование, во Собранието целосно блокиран останува законот за правична застапеност. Но, за него блокадата е од владејачкото мнозинство кое не го става на гласање законот бидејќи за него нема Бадентерово мнозинство. Иако власта одлучи законот да помине со таканаречениот „мал Бадентер“ односно со мнозинство од присутните пратеници од заедниците, Гаши не го става на гласање законот, бидејќи ДУИ со „голем Бадентер“ или со мнозинство од вкупниот број пратеници од заедниците нема да дозволи законот да помине.
ДУИ стравува Гаши да не ја закаже седницата на препад и, како што велат, на шверцерски начин да го донесат законот. Опозициските пратеници негодуваат и бараат Гаши да одреди датум и час кога ќе продолжи седницата за законот за правична застапеност бидејќи во спротивно цела опозициска пратеничка постава на чело со лидерите Али Ахмети и Зијадин Села треба речиси секојдневно да бидат во Собранието, што пак, ретко го прават.

Ахмети ги дочека своите пет минути во Собранието

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот