желка
Фото: Архива на „Слободен печат“

Драма во Хрватска: желка каснала тројца капачи, меѓу нив и дете

Тројца капачи на хрватското крајбрежје биле каснати од морска желка, а експертите велат дека ваквото однесување е многу невообичаено, објави „Дневно.хр“.

Инцидентите се случиле на плажите во Каштел Лукшиќ, а повредени се двајца возрасни и едно дете, соопшти Заводот за итна медицина.

„Двајца од повредените се здобиле со површни рани, а третиот имал скршеница на раката и отворена рана на мускулот на задникот“, изјави д-р Антонија Жаниќ, раководителка на единицата на Заводот за итна медицина во Каштел Стари.

Според хрватските медиуми, станува збор за главеста желка, која живее во северниот Јадран и е строго заштитен вид.

Експертите велат дека нема причина за паника, бидејќи главестата желка не е агресивна и вообичаено избегнува контакт со луѓето. Сепак, може да касне доколку се почувствува загрозено.

Некои сметаат дека во овој случај можеби станува збор за мажјак кој се обидувал да најде женка за парење во близина на плажата.

Од итната медицинска служба ги повикаа граѓаните да побараат лекарска помош за секоја повреда.

Експертите нагласуваат дека ваквите инциденти се исклучително ретки и апелираат капачите да одржуваат растојание од морските желки.

ВИДЕО | Хорор снимка од Хрватска: Мажи малтретираат морска желка, ја влечат, ѝ го „корнат“ оклопот…

„Каснувањето е силно и болно“

Карин Шпих од Центарот за опоравување на морски желки при Аквариумот во Пула вели дека станува збор за многу невообичаено однесување.

„Можно е да барала нешто на површината, можеби храна. Морските желки главно се хранат на морското дно – јадат школки, морски ежови, морски краставици и ракови. Понекогаш јадат и медузи, па можеби затоа се движела кон површината“, рече таа.

Таа објасни дека главестата желка нема заби, туку клун, но има многу силен загриз.

„Кога ќе се обидете да се повлечете, таа уште посилно стега. Човекот би требало да се обиде да се опушти, но тоа не е едноставно бидејќи каснувањето е болно“, вели Шпих.

Таа додаде дека главестите желки сакаат топли места и дека нивниот метаболизам се забавува на ниски температури.

„Можно е да биле во плиткото бидејќи таму е потопло. Тие живеат во Јадранот милиони години и температурата не им пречела. Климатските промени им создаваат проблеми од други причини“, рече Шпих, повикувајќи ги капачите да бидат внимателни доколку се најдат во близина на главеста желка.

Најстарата желка во светот, која има 194 години, доби престижна награда од Гинисовата книга на рекорди

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот