Америка и Саудиска Арабија потпишаа нуклеарен договор: „Партнерство вредно милијарди долари“
Иако Вашингтон нагласува дека соработката е исклучиво за мирољубиви цели, дел од експертите предупредуваат дека договорот би можел да го зголеми ризикот од ширење на нуклеарно оружје на Блискиот Исток.
Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија потпишаа договор за развој на цивилна нуклеарна програма, отворајќи ново поглавје во стратешкото партнерство меѓу двете земји, објави Би-би-си.
Препорачано
Текстот од договорот не е објавен јавно, но американските медиуми објавија дека тој ќе ѝ дозволи на Саудиска Арабија да збогатува ураниум во иднина, во што ќе учествуваат и американски компании.
Иако Вашингтон нагласува дека соработката е исклучиво за мирољубиви цели, дел од експертите предупредуваат дека договорот би можел да го зголеми ризикот од ширење на нуклеарно оружје на Блискиот Исток.
Милијарди долари за нуклеарна соработка
Американското Министерство за енергетика го опиша договорот како „спогодба за мирољубива нуклеарна соработка“, со која американските компании ќе добијат значајна улога во развојот на саудиската нуклеарна програма.
Паралелно е потпишан и договор за безбедносни и заштитни мерки, кој, според Вашингтон, создава правна основа за повеќедецениско партнерство вредно повеќе милијарди долари.
„Овие два договора ја поставуваат правната основа за децениско партнерство вредно повеќе милијарди долари, кое унапредува неколку приоритетни економски и стратешки цели, вклучително и неширење на нуклеарно оружје“, се вели во соопштението.
Збогатениот ураниум се користи како гориво за нуклеарни електрани, но истата технологија може да се искористи и за производство на материјал потребен за развој на нуклеарно оружје.
Според претходните информации, САД и Саудиска Арабија планираат заедничка изградба на постројка за збогатување ураниум, со што Ријад би ја намалил зависноста од увозно нуклеарно гориво.
Во проектот би учествувале американски компании, а неговата вредност се проценува на повеќе милијарди долари.
„Нема ризик од нуклеарно оружје“
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека договорите ги исполнуваат највисоките стандарди за нуклеарна безбедност.
„Бидете уверени дека овие договори ги почитуваат највисоките стандарди за безбедност и спречување на ширењето на нуклеарното оружје“, порача Рајт.
Ваков став изнесе и американскиот државен секретар Марко Рубио.
„САД нема да склучат договор со ниту една држава што би го зголемил ризикот од ширење нуклеарно оружје“, рече Рубио.
Експерти предупредуваат на преседан
Дел од аналитичарите сметаат дека дозволувањето Саудиска Арабија самостојно да збогатува ураниум би претставувало преседан во американската надворешна политика.
„Тоа би било навистина шокантно. САД никогаш досега не ѝ помогнале на друга држава да збогатува ураниум на своја територија“, изјави Розмари Келаник од американскиот тинк-тенк „Дифенс Приоритис“.
Според неа, држава што може сама да произведува нуклеарно гориво има и значително поголем потенцијал за развој на нуклеарно оружје.
За споредба, договорот што САД го потпишаа со Обединетите Арапски Емирати во 2009 година не дозволуваше домашно збогатување на ураниум.
Аналитичарите оценуваат дека Вашингтон го забрзал потпишувањето на договорот и поради геополитичката конкуренција со Русија и Кина, кои исто така настојуваат да ја прошират нуклеарната соработка со Саудиска Арабија.
За Ријад, договорот претставува голема дипломатска победа и потенцијално може долгорочно да ја промени рамнотежата на силите на Блискиот Исток. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и претходно изјавуваше дека неговата земја не планира да развива нуклеарно оружје, но предупреди дека Саудиска Арабија „без сомнение“ ќе го стори тоа доколку Иран се здобие со нуклеарна бомба.


