„Минати времиња“ (Yesteryear)- Фото: Инстаграм/caroclaireburke

Сатирата за „традиционалните сопруги“ е најконтроверзниот роман за 2026 година – Ен Хатавеј ги откупи филмските права

Сатирата за „традиционалните сопруги“ е најконтроверзниот роман за 2026 година. Дебитантскиот роман на Каро Клер Барк, насловен „Минати времиња“ (Yesteryear), со право ја носи титулата за книга на сезоната, а најверојатно и на годината. Сатиричната приказна посветена на феноменот „tradwife“ што во превод значи традиционални сопруги и улогата на жената во современото општество предизвика дебати во цела Америка и Европа, пишува „Би-би-си“.

Ако го погледнете покрај некој хотелски базен или плажа ова лето, големи се шансите да забележите некој кој ја чита оваа книга. Издадена во април со огромна рекламна кампања, книгата со недели не ја напушта листата на бестселери на „Њујорк тајмс“, а истовремено се искачи на самиот врв на британскиот „Сандеј тајмс“.

На социјалните мрежи, особено на платформата „BookTok“, книгата стана вирален феномен и најдискутиран наслов за кој читателите жестоко дебатираат во сите литературни клубови.

„Минати времиња“ (Yesteryear)- Фото: Инстаграм/caroclaireburke

За што се работи во книгата?

Главната хероина во книгата е Натали Хелер Милс, 32-годишна сопруга и мајка на пет деца која е бремена со шестото дете, а која на милионските следбеници на социјалните мрежи им го презентира својот навидум идиличен живот на фарма во Ајдахо. Нејзиниот лик е директен одраз на реалната интернет-поткултура на жени кои промовираат традиционални родови улоги, мажот заработува за леб, додека жената му е подредена, посветена исклучиво на домаќинството и одгледувањето на децата.

Натали меси леб со квасец, ги учи децата дома, пие свежо млеко од сопствената крава и собира јајца од кокошките секое утро, сè тоа со совршена насмевка на лицето додека камерата снима. Нејзиниот идеален живот е детално конструирана фасада, но исклучително профитабилен бизнис.

Но, еден ден таа се буди во минатото што постојано го романтизира, поточно во 1855 година. Кога нејзината интернет-улога станува  реалност, „добрите стари времиња“ одеднаш не изгледаат толку розови. Романот постојано се префрла меѓу сегашноста и страшната верзија на минатото.

Филмска адаптација на Ен Хатавеј

Феноменот на книгата дополнително предизвика реакции кога познатата холивудска глумица Ен Хатавеј ги откупи правата за филмска адаптација, најавувајќи дека ќе го продуцира филмот и ќе ја игра главната улога.

Читателите и критичарите веќе препознаа дека главна инспирација за романот е вистинската инфлуенсерка Хана Нилеман, позната како „Ballerina Farm“. Оваа мајка на девет деца на својот профил редовно ги споделува кадри од животот на нивната фарма во Јута пред повеќе од 10 милиони следбеници.

Запрашана за книгата, Нилеман изјави:

„Предолго сум присутна на интернет за да не знам дека луѓето сакаат забава. Се изненадив што ваква книга не излезе и порано“.

Зошто мислењата се поделени?

Додека едни го фалат романот дека мајсторски ги анализира притисоците врз современата жена, инфлуенсерската економија и лажната слика на социјалните мрежи, други сметаат дека авторката била премногу сурова кон своите ликови.

Критичарите истакнуваат дека романот не нуди длабока анализа, туку ги прикажува сите жени како несреќни, без оглед на патот што го избрале во животот. Сепак, сите се согласуваат во едно: романот успеа да ја разгори една од најголемите дебати за современиот начин на живот, што го прави најважниот литературен наслов оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот