Кристофер Нолан и Ема Томас / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Запознајте ја Ема Томас, сопругата на Кристофер Нолан која стои зад сите негови филмски успеси

Зад најголемиот дел од колосалниот филмски успех на  познатиот режисер Кристофер Нолан стои неговата сопруга Ема Томас, оскаровка и продуцентка која има снимено буквално секој негов долгометражен филм. Нивната соработка трае повеќе од две децении, а филмовите што ги создадоа заедно во светските кина остварија заработка поголема од 5,5 милијарди евра.

Нивното професионално и приватно партнерство започна уште за време на нивната прва година на студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде што се запознале на 18-годишна возраст во студентскиот дом, пишува „Пипл“. Нолан тогаш ја вработил Томас со студентскиот филмски клуб, каде што прикажувале филмови снимени на 35-милиметарска лента, а парите од влезниците ги вложувале во снимање свои кратки филмови.

Ема Томас – Фото: EPA/CAROLINE BREHMAN

Заедничко богатство од 420 милиони евра

Според листата на најбогати за 2025 година што ја објави „Сандеј тајмс“, заедничкиот имот на Ема Томас и Кристофер Нолан се проценува на околу 420 милиони евра.

Томас ја започнала својата филмска кариера како неплатена стажистка во продукциската куќа „Working Title Films“ за време на студиите. Подоцна станала координаторка на продукција, а во 1998 година го продуцираше нивниот прв долгометражен филм „Следење“, снимен со скромен буџет од само 3.000 фунти.

По тој проект, Нолан и Томас изградија една од најуспешните режисерско-продуцентски соработки во последните неколку децении. Заедно работеа на култните наслови како „Мементо“, „Инсомнија“, трилогијата „Темниот витез“, „Престиж“, „Почеток“, „Данкерк“, „Тенет“ и „Опенхајмер“. Покрај филмовите на Нолан, Томас го продуцираше и холивудскиот хит „Челичен човек‘“ од ДЦ-универзумот.

Оскар и титула „Дама“

За продукцијата на „Опенхајмер“, Ема Томас во 2024 година освои Оскар, БАФТА, Златен глобус и награда од филмските критичари, станувајќи првата Британка што освоила Оскар за најдобар филм.

Ема и Кристофер – Фото: EPA/FACUNDO ARRIZABALAGA

Томас го опиша „Опенхајмер“ како еден од најголемите ризици во нивната кариера, признавајќи дека не била сигурна дали филмот ќе најде своја публика по сите промени во кино-навиките по пандемијата.

„Не мислев дека за овој филм постои загарантирана публика. Се надевав дека луѓето ќе сакаат да дојдат во кината, но многумина сè уште не им се вратиле на старите навики“, изјави таа тогаш.

За нивниот огромен придонес во филмската индустрија, Томас во 2024 година ја доби престижната британска титула „дама“, додека Нолан беше прогласен за витез. Актерот Килијан Марфи ја опиша нивната соработка како „најдинамичното, најискреното и најпристапното режисерско-продуцентско дуо во Холивуд“.

Томас и Нолан се во брак од 1997 година и имаат четири деца, продолжувајќи да го освојуваат светскиот бокс-офис со секој нов заеднички проект.

Кристофер Нолан стана најплатениот режисер на сите времиња

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот