Руските дезертери во Германија стравуваат од депортација
Руските дезертери во Германија се соочуваат со одбивање на азил и депортација во Русија, каде што според бројни сведоштва ги очекуваат тортура, затвор и прогон.
Руските дезертери во Германија мора да сметаат на можноста нивните барања за азил да бидат одбиени, по што би можеле да бидат депортирани во Русија. Таму, според бројни извештаи, им се закануваат тортура и малтретирање. Еден од погодените, Никита Звездов, ја раскажа својата приказна за Дојче Веле и за рускиот независен интернет-портал АСТРА.
Препорачано
Кога во февруари 2022 година започна целосната руска инвазија врз Украина, Никита Звездов имал 15 години. Во април 2024 година, веднаш по својот 18-ти роденден, бил повикан на задолжителна воена служба. Непосредно пред тоа бил исфрлен од стручно училиште во Краснојарск.
Тој е убеден дека намерно бил оставен да падне на испитите. Во последните години во руските медиуми се појавија повеќе извештаи дека ученици и студенти не само што биле регрутирани во армијата, туку и намерно биле спречувани да ги положат испитите за да можат да бидат мобилизирани. Овие наводи, сепак, не можат независно да се потврдат.
Повик во армијата и принудно потпишување договор
Повикот за воена служба му бил лично врачeн во неговиот стан. Во мај 2024 година бил распореден во воената единица број 25573 кај Усуријск.
На интернет-форумите оваа единица често се опишува како „најозлогласената“ и „најкриминалната“ во Русија, поради честите случаи на загинати војници. Дополнително, постојат извештаи за понижувања, изнуда и физичко насилство.
Звездов раскажува дека уште додека патувале кон единицата, офицерите вршеле притисок врз регрутите да потпишат долгорочни договори за служба во армијата.
„Си ветив себеси и на моето семејство дека нема да потпишам договор“, вели тој, нагласувајќи дека никогаш не сакал да учествува во војната против Украина.
„Ме испратија на полигон за обука. Таму офицерите ги казнуваа регрутите за сè и сешто, а на многумина дури им пукаа во нозете. Моравме да правиме 200 склекови со гас-маска и да трчаме 50 круга со панцир и дополнителен товар од 25 до 30 килограми“, сведочи тој.
Во очај, Звездов дури се обидел да си го одземе животот, но неколку офицери го спречиле. Потоа, според неговите зборови, еден старешина го принудил да потпише договор под закана со кривично гонење.
Неговата приказна не е изолиран случај. Поради недостиг на персонал, многу регрути биле притискани да склучат договори за професионална служба. Повеќе мајки на војници за независниот руски портал АСТРА изјавиле дека нивните синови биле измамени, малтретирани и присилени да потпишат договори, по што биле испратени на фронтот.
Бегство од Русија преку Ерменија до Германија
Еден месец по потпишувањето на договорот, на Звездов му било соопштено дека ќе биде испратен во јуришни единици во близина на Мелитопол, на окупираната украинска територија. Станува збор за единици кои бележат исклучително високи загуби.
„Не ми остана ништо друго освен да побегнам“, се присетува тој.
Кога ја добил својата прва плата од 40.000 рубли (околу 450 евра), побарал одмор, наводно за да набави опрема пред заминувањето на фронтот.
За негов надзор бил задолжен мобилизиран поранешен затвореник. Звездов морал на секои неколку часа да му се јавува преку Ватсап. Сепак, надзорникот не бил особено строг. Звездов ја фрлил униформата, ги спакувал работите и избегал во Ерменија.
Дури шест месеци подоцна бил официјално прогласен за бегалец од воена служба и распишана била потерница по него. Но, до тогаш веќе заминал во Босна и Херцеговина, а потоа во Хрватска.
Во Хрватска поднел барање за политички азил. Без да ја чека одлуката на властите, во декември 2025 година заминал за Германија и таму повторно побарал азил. Германските власти го одбиле неговото барање и, согласно Даблинската регулатива, го упатиле кон Хрватска како прва земја на влез во Европската Унија.
Според правилата, Германија треба да го предаде на Хрватска во рок од шест месеци. Овој рок истекува на крајот на јули. По неговото истекување, надлежноста за случајот би преминала на Германија.
Мали шанси за азил за руските дезертери
Според активистите за човекови права, руските дезертери во Германија практично немаат реални шанси да добијат азил, иако претставници на поранешната германска влада јавно уверуваа дека одбивањето на воената служба и дезертерството ќе се сметаат за валидни причини за политички азил.
Алексеј Козлов од берлинската организација „Солидарус“ посочува дека тие изјави никогаш не биле вметнати во законската рамка.
Според него, мобилизацијата или испраќањето на фронтот сами по себе не претставуваат основа за добивање азил според германското право. Заштита може да се очекува само ако лицето било испратено во војната против Украина поради политички причини.
Ова практично го потврдува и Германската сојузна служба за миграција и бегалци (БАМФ) во изјава за Дојче Веле.
Оттаму наведуваат дека секоја постапка за азил се разгледува индивидуално и детално, при што се оценуваат конкретните причини за прогон наведени од барателот.
„Заштита се доделува само ако постои реален, индивидуален и оправдан страв од прогон“, соопштува БАМФ.
Тајни затвори и тортура за војниците што одбиваат да се борат
Постојат стотици извештаи дека руските дезертери, доколку бидат фатени, често директно се испраќаат назад на фронтот каде што се изложени на злоупотреби.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, порталот АСТРА идентификувал 29 нелегални затвори за руски војници кои одбиле да се борат.
Според сведоштвата, офицерите во овие објекти изнудуваат пари од војниците, ги држат во нехумани услови, ги понижуваат, ги оставаат гладни, ги тепаат, ги мачат, а во некои случаи и ги убиваат.
Таквите затвори се наоѓаат во подруми, напуштени индустриски објекти и други згради. Илјадници руски војници, украински цивили, ранети лица и лица со инвалидитет биле држени во таканаречени „подруми за тортура“.
Поголемиот дел од затворите што ги идентификувал АСТРА се наоѓаат во окупираните украински региони Доњецк и Луганск, но дел постојат и на руска територија.
Во рудникот Петривска во регионот Доњецк, според АСТРА, руската војска воспоставила вистински „центар за тортура“.
„Ги носеа војниците таму со вреќи на главите. Не добиваа храна. Ако требаше да одите во тоалет, добивавте мала кеса. Нè бесеа со синџири за рацете и нозете закачени на таванот“, раскажува поранешниот руски војник Даниил, чие име е променето.
Тој, како поранешен заменик-командир на вод, бил затворен заедно со своите војници затоа што одбиле да заминат на фронтот. Во 2024 година успеал да избега по период на тортура.
Депортации од Германија и црковен азил
Дури и ако успеат да избегаат од Русија, на дезертерите и понатаму им се заканува депортација.
Според податоците на германскиот Бундестаг од почетокот на 2026 година, во текот на 2025 година директно во Русија биле депортирани вкупно 126 лица.
Алексеј Козлов смета дека по доаѓањето на новата германска влада пред една година, и онака малите шанси за азил за руските дезертери практично паднале на нула.
Во мај 2026 година Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург ја поништи претходната одлука на Управниот суд во Берлин, со која еден руски регрут добил заштита.
Првостепениот суд заклучил дека војникот би можел да биде под притисок и присилен да потпише договор за служба во армијата. Но, повисокиот суд оценил дека ризиците не се доволно сериозни за да оправдаат доделување заштита.
Според Козлов, постојат само мал број случаи во кои руски дезертери добиле азил.
Откако на Никита Звездов му бил одбиен политичкиот азил во Германија, му бил одобрен црковен азил. Христијанските заедници ја применуваат оваа практика кога депортацијата може да го загрози животот или здравјето на лицето.
Благодарение на оваа мерка, младиот Русин бил преместен од бегалски камп во евангелистичка црква во близина на Ахен. Таму е сместен во просторија за десет лица и поголемиот дел од денот работи во кујната или во дворот, што му овозможува да остане во Германија и да избегне депортација.
Ноќта спроти 16 јуни германската полиција дошла во кампот каде што претходно живеел за да го приведе. Планирано било да биде префрлен во Лајпциг и следното утро со депортациски лет да биде испратен во Хрватска.
Звездов со нетрпение го очекува 30 јули, датумот по кој Германија би требало да стане надлежна за неговиот случај. Тогаш повеќе нема непосредно да стравува од депортација во Хрватска и ќе може да ја чека новата одлука на германските власти.
Сепак, тој сè уште не знае што ќе направи ако неговото барање за азил повторно биде одбиено.
„Веројатно ќе се обидам да најдам засолниште во некоја земја надвор од Европската Унија“, вели Звездов.
Извор: DW/ Автори: Данил Сотников | Данил Болшаков


