Џејден Адамс/EPA/SASHENKA GUTIERREZ

Семејството чека одговори, се истражува ненадејната смрт на Џејден Адамс

Полицијата во Кејптаун отвори истрага за смртта на јужноафриканскиот фудбалер Џејден Адамс, чие тело беше пронајдено во саботата во населбата Шотсче Клуф. Адамс имаше 25 години, а веста за неговата смрт пристигна само две недели откако ѝ помогна на Јужна Африка за првпат во историјата да обезбеди пласман во елиминациската фаза на Светското првенство.

Причината за смртта засега не е објавена. Од полицијата информираа дека телото на 25-годишниот фудбалер било пронајдено во саботата околу 11 часот во центарот на Кејптаун.

„Централната полиција во Кејптаун отвори истрага по пронаоѓањето на телото на 25-годишен маж во саботата. Околностите околу овој случај се предмет на истрага“, стои во соопштението доставено до агенцијата АП.

Таткото на фудбалерот, Хуанито Адамс, за јужноафриканската телевизија „eNCA“ изјави дека семејството ги очекува резултатите од обдукцијата и дека сè уште нема донесено одлука за погребот. Тој додаде дека блиските тешко се справуваат со ненадејната загуба.

Адамс настапи на сите три натпревари во групната фаза за Јужна Африка на турнирот, што беше најголем успех на оваа репрезентација на светските првенства, сепак го пропушти дуелот во нокаут фазата против Канада кој Јужна Африка го загуби со 1-0.

Министерот за спорт на Јужна Африка, Гејтон Мекензи, ги потврди информациите од претходно дека Адамс настапил против Чешка само неколку часа откако дознал дека му починала бабата. Тој ги повика јавноста и медиумите да покажат воздржаност и сочувство и да не се шпекулира за причините за смртта додека трае истрагата.

Пред четвртфиналните натпревари меѓу Англија и Норвешка, како и Аргентина и Швајцарија, во саботата беше одржана минута молчење во чест на трагично починатиот фудбалер.

По веста за смртта на Адамс во јавноста почнаа да се појавуваат и шпекулации дека станува збор за самоубиство, но властите сè уште немаат објавено официјални информации за причината.

ВИДЕО | Објавена снимка од починатиот Адамс – додека сите ја слават победата, тој седи сам на клупа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот