„Локални шерифи нема да постојат“, уверува Јанев откако криминалец им избега на полицајци низ прозор во Кочани
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска го посети Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани, каде што одблиску се информираше за сите околности поврзани со бегството на осомничен од полициската станица во градот – инцидент што, како што оцени, сериозно ја нарушил довербата на граѓаните во полициската служба.
Препорачано
„Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки“, напиша Јанев во објава на „Фејсбук“.
Тој порача дека ова е недозволиво и доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност.
„Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица. Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност“, вели Јанев.
Тој изрази разочараност од тоа што повторно се случуваат настани кои ја нарушуваат довербата на јавноста и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници, особено во регионот за кој, како што рече, верувал дека ги извлекол потребните поуки од минатото.
„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници. Во тек е темелна проверка и ќе следуваат јасни мерки за секој што го прекршил законот, процедурите или довербата што му е дадена. И граѓаните и јас сме разочарани од несовесното и неодговорно работење. Пораката е јасна: законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“, пишува Јанев во објавата.


