Фото; Фејсбук / Гордана Сиљановска-Давкова

„Сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза“, рече претседателката отворајќи го „Охридско лето“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, синоќа го прогласи за отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, оценувајќи дека тој „бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање“.

Во, се чини, посебно инспирираното обраќање, полно со книжевни описи и поетски метафори, Сиљановска-Давкова рече и дека Охрид е „оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, а Самоиловиот град летен дом на врвни уметници кои го презентираат најубавото“.

„Кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и Наум, а Карерас, небаре Орфеј ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни“, рече меѓу другото претседателката.

Фестивалот беше отворен со гала-концертот „Љубов“, во изведба на светски познатите оперски уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново, во придружба на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми.

Еве го целото обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на „Охридско лето“:

„Почитувани уметници, драги љубители на уметноста, сакани охриѓани,

Пак сме заедно, во театарот на античкиот град Лихнидос. Вечерта се спушти над езерото, небото и водата се стопија во нежна прегратка, ѕвездите треперат над нас, сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза, подготвени да потонеме во сонот на летната ноќ.

Верувам дека сите вознемирено ги очекуваме оперската самовила Ермонела и лирскиот волшебник Чарлс, во придружба на уметниците на нашата уметнички прекалена Национална опера и балет, под диригентската палка на Марко којшто веќе три и пол децении другарува со најголемите светски оперски ѕвезди.

Да потсетам дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, нашата оперска дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ коешто сè уште живее.

Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели.

„Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културната дипломатија и универзален уметнички јазик.

Охрид беше оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, охридски духовен бисер и филигран.

Самоиловиот град стана летен дом на врвни уметници коишто го презентираа најубавото.

Кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и Наум, а Карерас, небаре Орфеј, ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни.

Верувам дека не случајно Охридското Езеро толку прекрасно шумоли, ту нежно – ту страшно, небаре е концертна или драмска сцена.

„Европскиот Галапагос“, метузалемот стар милион и пол години, не е само природно чудо, под заштита на УНЕСКО, туку и верен сведок на многу цивилизации, јазици и култури коишто низ вековите се среќавале и битисувале на неговите брегови, војувајќи, но и градејќи.

Живееме во свет на поделби, конфликти, војни, стравови, несигурност и неизвесност. Човештвото минува низ лавиринти, а достоинството, солидарноста и надежта се соочени со огромни предизвици. За разлика од политиката којашто е далеку од уметност на можното, музиката и театарот, односно културата, остануваат креатори на неможното.

Ако огнот, што Прометеј му го подари на човекот ја осветлил ноќта, тогаш творештвото со векови ја осветлува неговата свест и совест. Во оваа смисла, „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, потврдувајќи дека уметноста е насушна потреба и придобивка.

Сигурна сум дека не треба да сте родени во Охрид како мене, или да сте охриѓанка или охриѓанец, за да сфатите дека не случајно е македонска културна метропола, а како таква – идеално место за врвен културно-уметнички настан како „Охридско лето“.

Дозволете ми, со неизмерна радост и со особена чест, да го прогласам 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ за отворено.“

Сиљановска на дипломатите им кажа и за кралот Артур и за Хамлет и за Пенелопа и Одисеј, им ги спомна и Тукидид, Макијавели и Хобс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот