Фестивалот „Локум фест – музика и традиција“ веќе дваесет години е доследен на својата мисија
Ансамблот „10-те бузуки на Домна“ од Грција на 16 јули ќе го отвори јубилејното 20-то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ во античкиот локалитет Хераклеја во Битола.
Препорачано
Годинашното јубилејно издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ ќе биде отворено со спектакуларниот настап на ансамблот „10-те бузуки на Домна“ од Грција. Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Хераклеја, публиката ќе ужива во уникатен музички спој на традиција, емоција и виртуозност, преку звуците на 10 бузуки, гитара, контрабас и впечатливи вокални изведби, како и танцувачка група.
„10-те бузуки на Домна“ (грчки: Ta 10 Bouzoukia tis Domnas) е познат грчки музички ансамбл специјализиран за изведба на традиционална и современа грчка музика со доминантна улога на инструментот бузуки. Ансамблот е основан од Јанис Карасавас и го сочинуваат врвни музичари и виртуози на бузуки кои преку своите концерти ја претставуваат богатата музичка традиција на Грција. Нивниот репертоар опфаќа ребетико, лаико, народни песни од различни региони на Грција, како и современи композиции инспирирани од традиционалните музички форми.
Со настапи на многубројни фестивали и културни манифестации во Грција и странство, ансамблот се истакнува по својата енергична интерпретација, виртуозна изведба и автентичен грчки музички израз. Нивните концерти претставуваат музичко патување низ историјата и културата на Грција, пренесувајќи ја атмосферата на грчките острови, градови и традиционални свечености.
Една од целите на овој настан е интензивирање на пограничната културна соработка како алатка за развој на културниот туризам преку промовирање на културното наследство и традиција како сцена и атрактивен туристички мотив, заложба која „Локум фест“ ја промовира со години. Концертот е резултат на соработката со Амбасадата на Република Грција во Скопје и Генералниот конзулат во Битола.
Јубилејното издание на „Локум фест – музика и традиција“ ќе се одржи од 16 до 18 јули. Втората и третата вечер се резервирани за концерти во автентичната атмосфера на Старата битолска чаршија, каде што пред 20 години почна „Локум фест“. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречекаат соседот, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба меѓу културите. Една од главните цели на фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, фјужн, музика на светот) да се покажат целиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола како атрактивен културно-туристички мотив.
„Локум фест“ зад себе има повеќе од 110 реализирани концерти со домашни и странски учесници од преку дваесет земји, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена. Инспирацијата за „Локум фест“ доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната, сефардската и европската култура.
„Локум фест“ е проект од национален интерес поддржан од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на „Битфест 2026“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 339, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.7.2026)


