Промоција на книгата во Гостивар

Промовирана е книгата „Плутон на таванот“ од Дејан Крстески

Во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, на 6 јули, пред повеќе од стотина љубители на книжевноста, беше одржана промоцијата на најновата книга „Плутон на таванот“ од писателот Дејан Крстески.

Книгата „Плутон на таванот“ беше претставена како комплексно книжевно дело во кое авторот повторно го истражува човекот, неговите сеќавања, внатрешните светови, односите, тишините и прашањата што остануваат долго по прочитаниот збор.

Промоцијата беше осмислена како „филм без екран“ – патување низ различни животни сцени, каде што стиховите и прозните елементи создаваат сопствени слики и отвораат простор за лична интерпретација.

За делото зборуваше проф. д-р Веселинка Лаброска, која во својата рецензија и обраќање на промоцијата истакна дека творештвото на Дејан Крстески носи зрелост, длабочина и препознатлив авторски глас. Таа нагласи дека неговото пишување се движи низ различни книжевни форми, од поезија до проза, но секогаш останува насочено кон човекот и неговата внатрешна вистина.

„Поетите се носечки столбови на секоја култура. Носечкиот столб на културата во Македонија е и нашиот Дејан“, истакна проф. д-р Лаброска, посочувајќи дека неговото творештво претставува израз на личното и колективното искуство.

Во рецензијата за книгата таа оценува дека „Плутон на таванот“ е „изблик на емоции спакувани во слики од животот, во отсечоци од минатото и сегашноста, реални и иреални, но секогаш искрени до болка“. Според неа, делото отвора повеќе можности за читање и толкување, а авторот се наметнува како „гласноговорник на младите генерации, раздиплувач на тајните на душата и расветлувач на темната страна на луѓето“.

Писателот Димитар Арнаудов, пак, во својата анализа посочува дека книгата претставува „значаен придонес во современата македонска поезија“, истакнувајќи дека успева да ја артикулира траумата без да ја естетизира и да ја претстави урбаната егзистенција без банализација. Според него, „Плутон на таванот“ успешно го трансформира личното искуство во простор што станува колективно препознатлив за читателите.

„Плутон на таванот“ е седмото дело на Дејан Крстески, автор што досега има објавено поетски книги, раскази и роман, градејќи разновиден книжевен опус. Неговото творештво не се ограничува само на поезијата, туку опфаќа повеќе книжевни жанрови во кои авторот ги обработува темите на човековата природа, минатото, современото живеење и потрагата по смисла. Со „Плутон на таванот“, Дејан Крстески го продолжува својот книжевен пат, создавајќи дело што ги поврзува личното и универзалното, видливото и скриеното – она што понекогаш се наоѓа далеку како планета, а сепак е најблиску до човекот.

Дејан Крстески е писател, поет, професор по македонски јазик и литература и психолог. Дипломирал македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет и психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Автор е на книгите „Поглед кон небото“, „Луѓе без лице“, „Чист хероин“, „Херои од хартија“, „Атласот на тајните“ и „Утрото по крајот на светот“, а добитник е и на повеќе домашни и меѓународни литературни признанија и награди.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 339, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот