Носталгични предмети од поранешна Југолсавија - Фото: Инстаграм/ made.in.yugoslavia

Гоблени со Бамби и телефони „Искра“ — старите предмети од поранешна Југославија денес се продаваат за стотици евра

Носталгијата по дизајнот од времето на поранешна Југославија сѐ повеќе расте, а предметите од тој период денес достигнуваат изненадувачки високи цени. Она што некогаш било секојдневие во речиси секое домаќинство, денес се враќа како ценет дел од ретроестетиката и колекционерскиот пазар, пишува „Метрополитан“.

Многу предмети што со децении стоеле заборавени на тавани, во подруми или завршиле како отпад, денес се барани од колекционери и љубители на „винтиџ“-стилот. Растечката популарност на старите дизајни и интересот за естетиката од времето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија придонесуваат за тоа овие предмети да се продаваат за десетици, а понекогаш и за стотици евра.

Овој тренд го препознала и Шпела Голчер, самостојна претприемачка) од Словенија која својата љубов кон југословенскиот дизајн ја споила со маркетиншко искуство и отворила онлајн продавница специјализирана за предмети од тоа време. Нејзиниот бизнис денес привлекува купувачи од цела Европа, а интересот постојано расте.

Од гоблени и лустери до стари телефони

Во нејзината понуда се наоѓаат бројни предмети што кај многумина будат спомени од детството, семејни собири и домови на баби и дедовци.

Меѓу најбараните се познатите гоблени со мотив „Бамби“, кои некогаш речиси биле задолжителен украс во дневните соби. Голема побарувачка има и за легендарните телефонски апарати на „Искра“, во препознатливи живи бои, кои со децении биле неизоставен дел од домовите и канцелариите.

Посебно внимание привлекуваат и карактеристичните портокалови лустери на поранешниот „Мебло“, кои денес повторно се враќаат во мода како дел од ретро ентериерот. Покрај нив, купувачите бараат и стари куќни броеви, натписи за врати, украсни предмети, садови и разни декоративни елементи што некогаш биле стандард во домаќинствата.

Посебно место меѓу сите овие предмети заземаат белите емајлирани шолји со темносина ивица. Тие некогаш биле дел од опремата на хотели, мотели, гостилници, работнички мензи, вагон-ресторани на Југословенските железници, како и бројни домови.

Денес токму овие шолји се меѓу најбараните предмети на пазарот, а купувачите се подготвени да платат значителни суми за да ги имаат повторно во своите домови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kiosk_ (@kiosk_lj)

Носталгија вредна стотици евра

Иако долго време се сметале за обична старудија без вредност, пазарот денес покажува сосема спротивна слика.

Некои комплети стаклени чаши од периодот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија денес достигнуваат цена над сто евра, особено ако се зачувани во оригинална состојба или во оригинално пакување. Помалите гоблени „Бамби“ најчесто се продаваат околу шеесет евра, додека ретки и добро зачувани парчиња мебел, ламби или декоративни предмети достигнуваат уште повисоки износи.

Стручњаците сметаат дека интересот за југословенскиот дизајн не е само краткотраен тренд. Сѐ повеќе млади генерации ја откриваат естетиката на минатите децении, додека постарите купувачи преку овие предмети ги оживуваат спомените од својата младост и семејниот живот.

Токму затоа пазарот на југоносталгија бележи континуиран раст. Предметите што некогаш биле дел од секојдневието денес имаат статус на колекционерски вредности, а многу луѓе дури сега сфаќаат дека на нивните тавани или во подрумите можеби се кријат вистински мали богатства.

ФОТО | Носталгија од 80-тите: Музеј во Сараево изложи полициско „Југо“ во автентичен стан на трет кат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот