„Човекот зад името“ — Дина Јашари: Недостига да сме приземни и да имаме повеќе разбирање едни за други
Денес, зад името ја откриваме Дина Јашари, но не како музичарка и текстописец, туку како човек.
Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Денес, зад името ја откриваме Дина Јашари, но не како музичарка и текстописец, туку како човек.
Препорачано
Што е она што би сакала да го зачуваш од детето во себе, а гледаш дека возрасниот свет полека ти го одзема?
– Розовите очила што полека ја губат бојата.
Опиши ми ја разликата помеѓу она што луѓето мислат дека си и она што ти, всушност, сакаш да бидеш?
– Мислам дека оставам впечаток дека сум нежна, позитивна, навидум наивна личност, што е точно, но го имам и бунтовниот дух, панкерските услови во кои умеам да се снајдам и da функционирам, и Ченто и Гази Баба во мене, што се голем дел од моето оформување како личност. А она што сакам да бидам е да го зачувам тоа.

Што е она што те прави да се чувствуваш безбедно во свет што постојано се менува?
– Фамилијата и блиските пријатели. Музиката како алатка и средство што ми носи мир и спокој.
Како би ја објаснила својата филозофија за среќата некому кој е наполно изгубен во сопствената тага?
– Отсуството на среќа нѐ тера да ја бараме и да ја почувствуваме и цениме. Тој што вистински тажи и поминува низ болка, мора да побара помош и да комуницира, да ја извади тагата од себе, а со време и со помош на вистинските луѓе, полесно поминува. Не смееме да се оставаме сами на себе.
Како изгледа процесот на „собирање на парчињата“ откако ќе заврши нешто што ти било многу важно?
– Многу плачење и зборување и повторување, комуникација со луѓе и одмор, време во природа.
Што е она што го научи за луѓето, а што би сакала никогаш да не си го дознала?
– Дека постојат луѓе што ќе прегазат преку други луѓе само за да ,,успеат“ во некои себични цели.
Како се менува твојот поглед кон сопствените грешки од пред пет, десет години во споредба со денес?
– Се обидувам брзо да најдам решение и да помине, да побарам прошка, а работам на тоа гордоста да не ми стои на патот.
Дали мислиш дека со текот на времето стануваме посвесни или само подобри во криењето на она што навистина го чувствуваме?
– Сѐ се движи многу брзо и многу често немаме време да испроцесираме сѐ што ни се случува, а со тоа стануваме вешти во прикривање на тоа како вистински се чувствуваме и функционираме во состојба на автопилот, тргнувам од себе. Затоа многу сакам да одам во природа, на море или во шума, секогаш ме враќа во темпото што е природно за телото.

Како изгледа твојот внатрешен дијалог кога си пред некоја голема животна одлука?
– Тешка расправија со себе, молитва, несоница… Се обидувам да ја слушам интуицијата, најчесто чувствувам мир кога е донесена вистинската одлука.
Што за тебе значи да се прости, дали е тоа чин на ослободување на другиот од вината, или е чин на ослободување на самата себе од тежината што ја носиш?
– Би рекла дека и двете, со тоа што повеќе тежнеам кон второто. Сметам дека животот носи доволно тежина сам по себе, за некои работи можеме да одлучиме да си олесниме со тоа што ќе простиме, а со тоа доаѓа ослободување за двете страни. Не мислам дека гордоста треба да биде идеал, недостига да сме приземни и да имаме малку повеќе разбирање едни за други.
Како се справуваш со моментите кога чувствуваш дека светот е неправеден кон тебе или кон луѓето што ги сакаш, дали се повлекуваш во себе или бараш начин да „вратиш“?
– Кога станува збор за мене, природна реакција ми е да се замрзнам и да се повлечам, а потоа да соберам сила и да бидам бунтовна. А кога се работи за луѓето што ги сакам, реакцијата може да биде многу појака, погласна и побрза.

Кој е твојот внатрешен компас што секогаш те извлекува од тешки ситуации?
– Во тешки ситуации, верата ми дава мир, надеж и сила да продолжам. Се фокусирам на тоа дека не е сѐ во моја контрола и дека треба да се ослободам од одредени грижи што ги носам во себе. Се трудам да ја слушам интуицијата, но и поддршката и љубовта од најблиските имаат голем удел во мојот компас, мојата стабилност.
Која е лекцијата за љубовта што те „скршила“ за да можеш потоа да израснеш во нешто посилно?
– Најстрашното нешто што сум го поминала е загуба на човек, дали поради смрт, или прекин на врска, болката е многу слична. Одеднаш имаш многу љубов во себе што немаш каде да ја дадеш. Ова искуство ми помогна повеќе да ги ценам луѓето што се покрај мене, ми ги искристализира приоритетите и ме научи да не земам ништо здраво за готово. За некои работи пребрзо пораснав, болката ја искористив да ги напишам сите овие песни досега и ме направи да сум одлучна и фокусирана во тоа со кои луѓе одбирам да поминувам време.
Кога чувствуваш дека „вриеш“ од лутина, дали се обидуваш да ја скротиш таа енергија или ѝ дозволуваш да те води, и што си научила за себе во тие моменти кога губиш контрола?
– Како созревам, станувам сѐ повеќе лута на каква било неправда, умеам да ја скротам и да сум смирена, ја вадам преку музика и протест.
Која е онаа „мала“ радост што те враќа во живот кога чувствуваш дека сè друго е премногу сериозно или тешко?
– Помислата дека со бендот тргнуваме на пат, некаде на море.
ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака
ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака


