Рама: Албанија и ако стане членка на ЕУ нема да стави вето на Македонија
Албанија нема да го искористи правото на вето против Македонија во процесот на европската интеграција, дури и ако стане членка на Европската Унија, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Пред учесниците на младинскиот камп „РинКамп 2026“ во туристичкото место Јал, одговарајќи на прашање на студент од Македонија дали Албанија би можела да стави вето на македонскиот евроинтегративен процес, Рама изјави дека отсекогаш бил против употребата на вето во процесот на проширување на Европската Унија, што според него дека тоа е механизам кој ја попречува интеграцијата.
– Албанија нема да му наметне вето никому и никаде. Албанија има целосен интерес работите во Македонија да се одвиваат што е можно подобро. Албанија има целосен интерес односите меѓу двата формирачки народа во Македонија, а тоа се Албанците и Македонците, да бидат братски односи и да се темелат на хармоничен соживот. Постигнат е голем напредок. Демократијата не е прошетка по асфалтиран булевар, туку пат со кривини и пресврти. Има подеми и падови, има моменти на тешкотии, но што се однесува до нас, ние го сакаме најдоброто за Република Македонија – изјави Рама.
Тој повтори дека употребата на вето во процесот на европската интеграција, според него, не им користи ниту на земјите кандидати ниту на Европската Унија.
– Тоа создава заложнички ситуации и, во суштина, е неконструктивно. Да се наметне вето за отворање на пристапните преговори не е европски начин на дејствување – рече албанскиот премиер.
Рама додаде дека подолго време се залага за нов пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, за кои смета дека треба порано да бидат вклучени во процесот на европското одлучување.
– Долго време сум посветен на промовирање поинаков пристап на ЕУ кон земјите кои сè уште не се членки. Процесот веќе започна со Планот за раст и со тековните дискусии. Верувам дека земјите кандидати треба да седнат на масата на ЕУ. Политички, Европа мора да се обедини уште сега, а потоа секоја земја треба да ја исполни својата обврска – истакна Рама.


