Спасувачката Софија Каспири / фото: Кефалонија прес (kefaloniapress.gr)

Седум луѓе ѝ го должат животот на спасувачката Софија, хероината од Кефалонија

Кога ги извадив двете деца од морето, а нивната мајка дојде расплакана да ми се заблагодари, ги заборавив целиот замор и стравот, вели спасувачката

Седуммина туристи кои се бањале во Јонското Море на плажа на островот Кефалонија, имале голема среќа што тој ден на смена како спасувачка на плажата била Софија Каспири, која ги извлекла од морето откако големите бранови и силните струи ги повлекле во длабока вода, јави локалниот портал „Кефалонија прес

Драмата се случувала минатата недела на плажата Авифос, во јужниот дел на Кефалонија. Морето околу 2 часот попладнето нагло се разбранило, а струите почнале да ги одвлекуваат од брегот луѓето кои се нашле во водата.

Повеќето капачи успеале навреме да излезат од водата, но седуммина, меѓу кои и две деца, се нашле во голема опасност. Тогаш реагирала
Софија — повеќепати влегувала во морето, помагајќи им на луѓето да се вратат до брегот еден по еден, борејќи се против брановите и паниката кај капачите.

Во еден момент Каспири морала истовремено да им помага на тројца исцрпени возрасни капачи. Во спасувањето помогнале и вработени од кафе-барот на плажата, кои влегле во морето кога виделе дека ситуацијата е сериозна. Целата акција траела околу два и пол часа, од 14 до 16.30 часот. Сите седуммина излегле на брегот живи и здрави.

Софија Каспири е од Патра, завршила студии по медицинска нега и има тригодишно искуство како спасувачка на плажи. Таа за „Кефалонија прес“ изјавила дека станувало збор за една од потешките ситуации со кои се соочила. Посебно емотивен момент, според неа, бил оној кога мајката на двете спасени деца ѝ пришла расплакана за да ѝ се заблагодари.

„Кога ги извадив двете деца од морето, а нивната мајка дојде расплакана да ми се заблагодари, ги заборавив целиот замор и стравот“, изјавила Софија.

Таа додала дека искуството како спасувачка и знаењето од медицинската нега ѝ помогнале да остане смирена во критичните моменти.

Плажата Авифос важи за популарна семејна плажа во јужниот дел на Кефалонија, но случајот покажува дека условите во морето можат брзо да се променат. Грчките медиуми ја пренесоа приказната како пример за тоа колку е важно присуството на обучени спасувачи на организираните плажи, особено во летниот период.

ВИДЕО | Грција забрани пристап до една од најубавите и најпознати плажи на Закинтос

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот