Од 14 јули крај на „слободното“ организирање „гивавеј“, за секое подарување ќе се бара дозвола и ќе се плаќа 18 проценти надомест

Организирањето „giveaway“ („гивавеј“) во Македонија добива нови правила. Со примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, кој стапува на сила на 14 јули, за првпат се воспоставува законска рамка со јасни обврски за сите што организираат подарувања преку интернет и други платформи.

Според новите правила, секој организатор ќе мора однапред да обезбеди дозвола од Министерството за финансии. Барањето за дозвола треба да се поднесе најдоцна 30 дена пред почетокот на „giveaway“, а организаторите ќе треба да достават документација за наградите, регистрацијата, финансиската состојба и исполнувањето на законските обврски.

Новина е и воведувањето надоместок за организирање на „giveaway“, кој ќе изнесува 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Овој износ ќе треба да биде платен пред почетокот на играта, во рок од три дена од добивањето на дозволата. Доколку надоместокот не биде уплатен навреме, дозволата ќе биде одземена.

Организаторите ќе имаат обврска јавно да ги објават правилата на играта пред нејзиниот почеток, а имињата на добитниците и резултатите ќе мора да бидат објавени најдоцна три дена по извлекувањето или утврдувањето на наградите. Наградите ќе мора да бидат исплатени или преземени во рок определен со правилата на играта, но тој рок не смее да биде подолг од 60 дена од објавувањето на резултатите.

Законот детално определува што мора да содржат правилата на „giveaway“ – информации за организаторот, производите или услугите што се промовираат, условите за учество, времетраењето, начинот на избор на добитници, вредноста на наградите, постапката за приговор и забраната за учество на вработени кај организаторот и нивните најблиски членови на семејството.

Според новите одредби, еден „giveaway“ нема да смее да трае подолго од една година. За првпат со закон се дефинира и самиот поим „giveaway“. Тој се смета за игра на среќа во која учеството се стекнува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а се организира со цел промоција на производи или услуги преку интернет, мобилни уреди или други платформи.

Со новата регулатива, Министерството за финансии очекува поголема транспарентност, јасни правила за организаторите и поголема заштита за учесниците во наградните игри.

Државата пушти 2,4 милиони евра за поддршка на инвестиции

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот