Сезонски работници, фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Албанија недостигот на работници го надополнува со Филипинци и Индијци, дозволите за странски работници се зголемиле за 43 отсто

Недостигот од локална работна сила сè повеќе ги принудува албанските компании да бараат работници од странство. Во Албанија во изминатите години значително е зголеми присуството на странски работници, особено од азиските земји, а најмногу се пополнуваат потребите на баровите, рестораните, индустријата и земјоделството, пренесува Си-ен-еј (CNA).

Од келнери и работници за одржување до инженери и негуватели на деца и стари лица, странците стануваат сè повидлив дел од албанскиот пазар на труд.

Според податоците на Националната агенција за вработување и вештини (AKPA), во 2025 година преку интернет биле одобрени вкупно 18.156 барања за вработување на странски државјани. Во споредба со претходната година, нивниот број е зголемен за 43,4 отсто. Од AKPA соопштија дека во 2025 година за првпат биле издадени 14.000 работни дозволи за странски државјани, што укажува на големиот прилив на странци кои доаѓаат да работат во земјата.

Во 2025 година најголем пораст на барањата бил забележан за работници од Филипините и Индија.

Дури 18 отсто од барањата за работа што ги одобрила AKPA биле од државјани на Филипините. Ист удел, односно 18 отсто од вкупниот број одобрени барања, имале и државјаните на Индија.

Одобрените барања за работни дозволи за државјани на Египет сочинувале 15 отсто од вкупниот број, за Турција 9 отсто, за Косово 4 отсто, а за Италија 3 отсто.

Во 2025 година биле издадени 3.251 работна дозвола за индиски државјани, речиси двојно повеќе отколку претходната година, додека на државјани на Филипините им биле издадени 3.279 дозволи.

Странските државјани кои бараат работа во Албанија, согласно Законот за странци, мора да добијат т.н. Единствена дозвола, која опфаќа одобрување на работна дозвола, издавање виза и дозвола за престој.

Државјаните од Косово и Италија имаат поедноставени процедури за вработување

Во 2025 година, според податоците на Државната полиција, бројот на државјани на Косово со дозвола за престој во Албанија достигнал 6.076 луѓе, што претставува околу 22 отсто од вкупниот број странци. Во споредба со 2024 година, нивниот број се зголемил за 32 отсто.

За разлика од останатите странски државјани, врз основа на договорот потпишан меѓу владите на Албанија и Косово во 2022 година, косовските државјани можат да добијат петгодишна биометриска дозвола за престој, која воедно служи и како работна дозвола. Документот се добива преку поедноставена онлајн-постапка и ја елиминира потребата од посебни барања или често обновување на работната дозвола.

Поради тоа, дел од вработувањата на косовски државјани повеќе не минуваат низ истата постапка за одобрување работни дозволи во AKPA како што е случај со државјаните од трети земји, што влијае и врз намалувањето на бројот на барања евидентирани од агенцијата. Дополнително, најголемиот дел од државјаните на Косово и Италија водат сопствен бизнис во Албанија, па затоа немаат потреба електронски да аплицираат за работна дозвола.

По Косово, најголем број странски државјани со дозвола за престој во 2025 година имало од Италија – 3.776 луѓе, што претставува 14 отсто од вкупниот број странци. Во споредба со 2024 година, нивниот број се зголемил за 75 отсто.

Албанија забрзано се празни, за 25 години изгубила над 60 отсто од младите луѓе

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот